Пазар со образованието – Колумна на Бојан Петровски претседател на МОДОМ

“Образованието е најмоќното оружје кое можете да го користите за да го смените светот” во еден говор изјавил Нелсон Мандела. Се почнува и завршува со образованието, односот кон себе, кон другите, кон природата кон државата. Развојот на човекот започнува од домот па продолжува во “клупите“ каде што системот те подготвува за иднината. Во еден период те подготвува, во друг период те насочува. Децата биле “сунгер“ велат, впиваат брзо знаење, побрзо учат од возрасните и веднаш го применуваат. Европа кон која тежнееме и земјите од западниот свет образованието го имаат имаат вградено многу сериозно во државниот систем, вака одстрана гледано, мислата на Мандела си ја земале “здраво за готово“ и не погрешиле. Развојот на модерните држави во 21 век е директно потпрен врз образовниот темел. Ковид кризата докажа дека образованието има голема улога во справување со предизвици, посебно во оние држави каде што децениски се вложуваат големи финансиски средства од државата во областа наука. Во сите области генерално гледано, образованието го “зграпчува“ најголемиот дел, дали во безбедноста, дали во економијата, здравството, локалната самоуправа или владеењето на правото.

Гледај си го прво дворот дома, пред да зборуваш за комшијата. Статистиката е најлесниот начин кој ни го нуди образованието да споредиме што се случува надвор од нашиот двор. За жал не можеме да се пофалиме, нашиот “двор“ е образовно необразован. Неквалитетен, полн со корупција и заборавен во некои други времиња. Дискриминацијата од секаков тип е присутна а финансиската поддршка од државниот систем речиси и да не постои. Ресурси нема а достапни модерни програми се научна фантастика. Жената сеуште слугува и е во кујна во учебниците а децата на политичарите се во друг општествен повисок“слој“ според некои автори.

Да проговориме малце низ призмата на меѓународни извештаи и документи:

Резултатите на нашите ученици во споредба со другите врсници во регионот се пониски од регионалниот просек за читање и математика. Според статистиките потеклото на учениците во голема мера определува дали се запишани во стручно или општо образование. Наставните практики се разликуваат од земјите од регионот и Европа а квалитетот на образованието е загрижувачки во сите нивоа каде што системот останува ранлив на политичко влијание и корупција. УКИМ тоне кон дното, пракса во високото образование се сведува на минимум, некои образовни програми на факултетите исчезнуваат поради мал број заинтересирани студенти. Високото образование е во сериозен проблем. Децата и учениците со попреченост и оние од ромската заедница и понатаму се соочуваат со бариери во однос на редовно и квалитетно образование и обуки. Исто така, се наведува и дека поделбата по етничка линија во образованието продолжува. Министерството за образование и наука е редовно во политички “пазар“ каде што веќе не се знае ни кој е министер од честите промени а тука во овој пазар страдаат младите, иднината на секој систем. Науката е заборавена тема, декларативно се одвојуваат средства кои подоцна исчезнуваат во некој ребаланс.

Ако прашувате за време, нема. Потребни се итни и брзи реформи. Дали ќе има “јунак“ да го реши проблемот останува да видиме. Генерации буквално остануваат на средина во општеството, бидејќи тоа на кое се “спремани“ тука, во Европа и светот било тема и е завршено пред 20 тина години. Стале Попов би рекол крпен живот, но јас велам дека младите заслужуваат достоинствен живот. Квалитетно образован живот.