Сите го познаваат како рокер, човек на кој музиката му е прва љубов, во крвта. Го знаат како Бени- „Нонстоп“. Но, одсега влегува во некои сосема други води, кои воопшто не се на иста бранова должина со музиката. Арбен Бени Шаќири на претстојните локални изброи е кандидат за градоначалник на Скопје, кандидиран од коалицијата ЛДП и ДОМ.
Бени за ММС отворено прозборе за себе, за музиката, за политиката и кандидатурата, која го носи во едни сосема други води. Иако не е непознат лик, сепак, раскажа за дел од плановите и неговите размислувања што се ќе направи доколку ја добие довербата од граѓаните, која, како што вели, се добива само доколку си чесен, доблесен и одговорен. „Скопје има многу проблеми, каде и да фатиш е труло“, вели тој.
Како човек од СДСМ дојде до кандидатура за градоначалник од ДОМ и ЛДП?
-Како долгогодишен симпатизер на СДСМ е непобитен факт и ниту имам намера да бегам од тоа, ниту сакам. Тоа сум го правел свесно и во ниту еден момент не се каам. Немам партиска книшка од ниедна партија и се надевам дека така ќе остане при оваа здрава свест и памет што ја имам.
Зошто се одлучи да бидеш кандидат на ДОМ и ЛДП?
-Мене најпрво ми пријдоа од ДОМ, тие побараа да се сретнеме, за да ми предложат. Тие ми кажаа дека се во коалиција со ЛДП. Јас после некое, по кратко размислување се одлучив да се впуштам во ова, некој ја нарекува „авантура“, некој ја нарекува „што ми требаше ова“, а јас под полна морална и секоја друга одговорност се одлучив да влезам во оваа трка, политичка, менаџерска или како сакаш да ја крстиме. Затоа што како зрел и одговорен граѓанин на Скопје не можам повеќе да трпам и да гледам како при здрави очи и здрав памет не прават слепци и луди. Не работат ништо, а ги гласаме, ги востличуваме, им ја нудиме позицијата од која што треба да воспостават резултати,но тие работат само на сосптвената комоција и удобност. Тоа е навредливо за мене како граѓанин и како човек, не можам веќе да ќутам и не сакам.
Доколку станеш градоначалник колку ќе успееш да работиш по свое убедување, без да имаш притисок и да исполнуваш желби на партиите, кои стојат зад тебе?
-Доколку граѓаните го доверат мандатот, како кандидат на ЛДП и ДОМ е сосема нормално да се седне со тие луѓе, да седнеш со умните, практични, рационални, паметни, стручњаци во своите области да се разговара, договара да се носат одлуки. Нормално е и логично е да соработувам со нив. Но, никако по диктат и директива. За да бидеш добар и успешен менаџер мора да имаш слух за мислења кои се квалитетни, па нека бидат макар дијаметрално спротивни од твојот. Ако дојде некој и аргументирано ти покаже дека не си најпаметен и дека некои работи треба да се направат на еден или друг начин, а тоа не кореспондира со твојот став или начин на размислување , треба да им дадеш простор на тие луѓе, да се доискажат, да пробаш нивното да го валоризираш, да го поставиш на здрави основи, за да се убедиш и себе си дека си направил добро дело. Ако сам успееш во своето убедување е ок. Ако успееш верувајќи им на тие луѓе е дупло ок. Зошто? Затоа што имаш доблест да слушаш нешто што можеби тебе не ти се допаѓа, но гледаш дека е за општо добро. За се има простор. Мора да си широк, да си рационален ако сакаш да се занимаваш со оваа работа. Ако сакаш да бидеш деспот, апсолутиста, а тоа многу малку проаѓа низ историја, па дури ни дома веќе не проаѓа. Така да јас сум многу подготвен, отворен, широк, за издржани аргументи, решенија, идеи. Секако дека не сум најпаметен. Кој е луд да помисли дека е најпаметен. Затоа мислам дека кога би ми дале доверба да го водам градот мислам дека би бил најуспешен . Не затоа што сум најпаметен. Туку затоа што сум чесен и знам да сослушам. Јас имам бенд со кој свирам скоро 20 години. Тоа се истите луѓе. Зарем мислиш дека ако сум апсолутиста би ме трпел некој 20 години. Би ме трпел 2,3 години, додека не си најде чаре. Па, јас им оставам на другарите од бендот 99 проценти да биде по нивно. Кога гледаш дека се во право не можеш да си суетен. Суетните луѓе најчесто лошо завршуваат, сами по себе. Можеби моментално може да наштетат на околина, на луѓето, но во секој случај мислам дека суетата е најголемиот непријател на еден човек.
Колку твојата кандидатура има врска со разочарувањето или скандалот околу назначување на директор на МКЦ?
-Тоа е завршена работа. Јас навистина не би разговарал на таа тема , ниту, пак, сакам да им го дигам рејтингот. Нема потреба. Се е веќе кажано, а сега ќе им кажат и граѓаните во мое име на избори, каде им е местото.
Доколку станеш градоначалник кого ќе поставиш за директор на МКЦ?
-Апсолутно ќе распишам јавен конкурс и ќе ставам паметен човек кој знае и умее, а не човек кој ќе ги држи мешетарите околу себе. И не само на МКЦ. МКЦ е најмал проблем или воопшто не е проблем. Проблемот е што треба да се стават соодветни луѓе на соодветни места, паметни луѓе, луѓе од доверба и чесни. Многу е битно во секој муабет да се потенцира дека на овој град му е дозлогрдено од нечесни луѓе. Уморни сме сите 30 години да ни ја цицаат крвта полека со памук. Со лажги, со лажни ветувања, со некадарност, со неработење, со инсинуации, сплетки. Да не зборувам што се се во состојба да направат за да профитираат.
Како ќе се откажеш од твојата прва љубов- музиката?
-Да не прејудицираме и да не даваме лажни ветувања. Доколку ми го доверат мандатот граѓаните со сигрност нема да се откажам од музиката. Со сигурност дека нема да ја работам со ист интензитет, но нема потеба да се откажам. Па ако еден хирург се кандидира и добие некаква позиција во политиката тоа не значи дека ќе престане да оперира. Напротив, тие луѓе имаат дадено заклетва дека секогаш ќе помагаат. Што ако е во политика ако има итен случај. Истото е и со музичарот. Со тоа што кај мене опшествената одговорност не е толку голема како на хирургот. Можеби нема да отсвирам некој колем концерт. Иако мислам дека тоа е и многу интересно да видиш градоначалник на еден голем град, кој со својот бенд свири на Егзит, да речеме. Што да не?! Нема јас да бидам отсутен шест месеци, па да нема кој да работи. Тоа е како некое службено патување на кое си отсутен ден или два.
Да ама во споредба со снимање нови песни, албум, студио…?
-Затоа реков дека интензитетот ќе биде драстично намален, тоа не значи дека тотално ќе се откажам. И Брус Спрингстинг беше на слична позиција во Њу Џерси па.. Човекот и ден денес си се занимава со музика, и тогаш исто снимаше. Во политиката можеш да бидеш само епизодиста, минувач, многу се ретки оние кои се задржуваат многу, многу години. Обично доагаат 4, 5, 7, 10 години и си одат. Што да правиме со остатокот? Јас барем немам проблем со тоа. Немам проблем да се занимавам наредниве 20-30 години со политика, ниту, пак, знам дали ќе имам толку години живот, ама јас ова би го свел само на еден мандат и толку. И би иницирал закон да не се забораваат, еден мандат, четири години и по автоматизам нов човек, кој треба само да биде разумен и сите добри проекти да си ги продолжи. Не е битно кој ги почнал, кој ги завршил, битно е дека граѓаните ќе имаат добробит од тоа.
Па како ќе успееш за четири години да ги направиш работите кои ги планираш?
-Ако се посветиш на работата, ако го испланираш времето, несомено е дека ќе имаш резултати. Ако многу повеќе сакаш да дремеш по „кафани“ и некакви квази состаноци и да се занимаваш со се само не со она за што ти е доверена довербата, тогаш е евидентно дека ќе немаш резултати, дека ќе ти недостасува време. Ќе бидеш спор, неспособен, тром, се повеќе и повеќе ќе тонеш во таа мрзливост. Човек мора да биде подготвен, доколку бара доверба од луѓето, да биде одговорен, да даде максимум. Ако ветил 100, да даде 110. За да се надмине себе си. Ама за тоа треба да бидеш доблесен, да си човечен и одговорен. Што некако во последниве 30 години не сум сигурен. Мислам дека градот функционира по инерција. Воопшто и не ми е јасно како функционира.
Што е она што најмногу те вади од кожа и е нешто што, доколку станеш градоначалник, е прво со кое ќе се зафатиш?
-Скопје има многу проблеми, урбаната средина навистина има многу пробелми и каде и да фатиш е труло. Ќе мора едно по едно систематски, екипно и со стручњаци во сите области. Ќе мора да има луѓе на кои ќе може да им веруваш и на одредено временско ниво ќе бараш резултати. Тоа не е никаков баук, само ќе мора менаџерски добро да си ги поставиш коцките и тоа да функционира. Ако го поставиш системот нема застој, но ако една карика ти недостасува тогаш се наредно каска. Не е проблем реализација или што е прво, што год и да фатиш. Човек треба да има само доблест и одговорност. Исклучитолно висока свест, тоа што по мое некое убедување тоа ни недостасува. Ние многу повеќе сакаме да седиме, да зборуваме во празно, да беседиме, секој да покаже колку е „паметен“, а работата да трпи. И кога ќе се наталожат проблеми? Исто е како и ѓубрето. Во почетокот ако го ставиш под тепих не се познава, но ако константно го ставаш еден ден извесно е дека ќе се сопнеш и ќе скршиш глава. Вака не е смо во водење на градот туку воопшто во животот. Не треба да си ултра интилигентен за да знаеш дека константно мора одговорно да работиш и да си посветен на тоа. Да бидеш воркохолик. Ако си мрзлив и пасивен не само што ќе се наталожат проблемите, туку ќе дојдат и нови и тоа оди во недоглед.
Како ќе се справиш со урбаната мафија, кои Скопје го направија бетон-град?
-Тоа што е сработено е многу тешко сега да се исправува, отпосле. Секогаш постојат механизми. Тоа е повеќе на државно-политичко ниво отколку што треба градот да се занимава. Но, мора да постојат санкции и да функционираат тие санкции. Мора да сте неподмитливи и некорумпирани. Ако си неподмитлив не може да постои урбана мафија. Таа постои затоа што нашле плодно тло каде може да си ги искористат своите врски за да може да се дојде до профит, а се тоа на штета на граѓаните. Справувањето со урбаната мафија на прво место почнува така што си неподмитлив. Си чесен. Не може да те купи.
Ќе ти даде стан на подарок и нема да те купи, така?
-Ќе одбијам и цела зграда на подарок, не ме интересира. Каков би бил јас човек ако барам доверба од граѓаните и оп за една година си земам стан. Фала му на Бога имам кров над глава. Децата не ми трпат. Не знам што ќе ми е уште еден стан или зграда или викендица?! Не разбирам. Колку му тееба на човек за да биде среќен. Ако се луѓето незаситни тоа е нивен проблем. Јас такви лоши и чудни размислувања немам.
А што ќе правиш доколку, ете ти не си таков, ама администрацијата ти е партиска и подмитливата?
-Тоа е систем кој не можеш да го срушиш преку ноќ, но мора активно да се работи. Постојат механизми кои можат да ја искоренат. Лично не верувам затоа што корупцијата е глобален проблем, кај нас е само поизразена. Но, дека постојат начини како да се искорени, секако. Еден од начините е силна контрола врз институциите, и секако зголемување на платите на вработените. Кога еден вработен има сигурна и повисока плата воопшто нема да се занимава со подмитување. Никој не би си ставил трн во здрава нога. Има луѓе кои се среброљупци, но имаш и луѓе кои тоа го прават бидејки се приморани, имаат ниски примања. Но, како и да е за тоа нема оправдување и мора да се искорени. Еден од најголемите проблеми генерално на нашето опшество, не само на градот. Но, има начин секако со постојана контрола и санкции и со зголемување на примањата на вработените. Затоа што за да ги мотивираш луѓето мора да им дадеш, мора да живеат од нешто. Секој од нас има трошоци.
Како ќе успееш да најдеш луѓе околу тебе кои ќе се чесни и професионални, а не партиски послушнци?
-Партиските послушници не можеш да ги одминеш, тие се постојано тука, вртат, мешетарат, но за да составиш тим и екипа мора да појдеш од некаде. Јас веќе околу себе имам доста квалитетни луѓе, а тоа се разбира дека не е доволно. Тој тим треба да се дооформи, да се доекипира и мора да се луѓе кои се на иста бранова должина со тебе. Што немаат предрасуди, немаат желба да се збогатат преку ноќ, немаат желба да се знаимаваат со подмитување, со оставање опашки. Мора да бидат чесни. Па ние заборавивме што е чест и одговорност. Некако низ сите овие години се воведоа некои стандардни кои се погубни и по нас и по младите генерации затоа што им даваат една сосема друга слика. Екипата се составува ама тоа се оди полека и внимателно, мора многу да се внимава. Најодговорно тврдам дека никој нема совршен тим. Дури и најголемите светски државници немаат совршен тим. Но, не смее да има импровизации. Многу е важно да имаш искрени и чесни намери да сакаш тоа да го направиш. А тимот се менува. Дури и на крајот на краиштата може човек да каже- јас мислев дека можам подобро ама не можам подобро. Тука треба да имаш храброст и доблест. Ние имаме проблем со загубени основни човечки карактеристики. Ние некаде по пат ги изгубивме изминативе 30 години. Почнаа да важат некои други правила, за кои не сум ниту воспитуван ниту подготвуван од моите родители. Така да Господ нека ни е на помош. Тешко, но не и неизводливо.
Како ќе се справиш со камелеоните и сончогледите?
-Тоа се сепак човечки дисциплини кои ги има се повеќе и секојдневно гледаме како тоа се мултиплицира. Се разбира дека штом дојдам до такво сознание би ги отстранил. Секако не би дозволил да бидат во моја екипа. Во тимот мора да бидат стабилни луге. Од флора и фауна немаме потреба. Мора да имаш стабилни и здрави луѓе. Иако тоа тешко се искоренува, клинтелизмот не е ништо ново.
Познавајки ја твојата сопруга која има свој став и е без влакна на јазик, како реагираше кога и соопшти дека ќе се кандидираш за градоначалник?
-Таа и понатаму има свој став. Немам јас проблем со нејзините ставови, треба да си ги искаже. Истото го кажа и за кандидатурата: “Ако мислиш дека имаш сила и способност, терај“. Никој никому не може, ниту треба да забрани. Си имаме поддршка. Таа е паметна жена, знае дека сум човек со исправни ставови и верува дека ова што го правам е исправно, ниту, пак, се обидувала да ме спречи. Секогаш има разговор- дали е паметно или не. Сите препреки кои треба човек да ги помине за да биде успешен во оваа приказна. На крајот се се сведува на личен избор.
Човек си кој речиси и никогаш да не облекол костум. Сега како со функцијата ќе оди костумот и вратоврската?
-Костумот и вратоврската.. Јас не знам зошто се прави толкав баук. Па има милион фотографии на рок бендови каде се појавуваат и во такво издание затоа што изгледа штосно. Но, самата работа и самата тежина и серозноста бара во најмала рака да имаш сако. Но, се разбира од прилика до прилика. Не можеш да одиш на прием со некој државник во кожна јакна. Тоа не е здраво. Инаку немам проблем со тоа. Ако потребите и околностите налагаат да се појавам во костум ќе се појавам. Но тоа мора да биде вкусно, не да се појавам во оние со неколку броја поголеми, па да изгледаш како паљачо.
Кога последен пат си облекол костум? На некоја свадба? Или кога последен пат си сменил фризура?
-На свадба никогаш не сум бил во костум, тоа сум го правел на настани каде сум настапувал и требало да се појавам така. Имам ставено и костум и вратоврска и ми рекле дека фино ми стои. Имам некоја нормнална висина, фит сум и што и да облечам изгледа нормално. Но, голема работа ако Бени облекол костум. Ако во старт имаш неискрени намери притоа си подготвен за пет минути слава или за кампања да смениш имиџ само за да им се додвориш на граѓаните. Не треба да им се додворуваме туку да покажеме доблест и сериозност, решителност, стабилност како луѓе и мора чесноста да ја видат. Нема потреба да менувам ни фризура. Не верувам во фингирани моменти и ситуации. Се треба да биде спонтано и оргинално. Само така може да биде здраво и издржано. Јас 33 години не сум сменил фризура. Јас ни сам не се сеќавам на себе со кратка фризура…
Весна Миленковска
превземено од mms.mk