Дигитална писменост – Колумна на Олгица Вељковиќ, претседателка на Комисија за образование на ДОМ

Образовниот систем е најсложениот социјален систем, што ја прави примената на дигиталната технологија уште покомплексна. Дигиталната писменост веќе не е прашање на ИТ и новите технологии, туку клучна нишка што се провлекува во секој бизнис, сите државни институции, целиот образовен систем, медиумите и ги прави подготвени за иднината, која веќе e тука, присутна, а училиштата се основа на оваа филозофија на иднината.

Непосредното опкружување на РС Македонија веќе забрзано работи на дигитализацијата на формалното образование. Ние сме должни на  следните генерации да им обезбедиме соодветна основа, со што нашите деца ќе имаат можност, не само да бидат конкурентни со своите врсници од целиот свет, туку и да го променат истиот тој свет на подобро.

За ДОМ, од особена важност е безбедноста на децата на Интернет , бидејќи тие се најранливата корисничка група на Интернет. Затоа, со системска поддршка за дигитализација на формалното образование ДОМ предлага:

  • Формирање на Национален контакт центар за безебдност на децата на Интернет;
  • Спроведување ИТ караван, училишна кампања за да се охрабрат учениците од основните училишта да се заштитат на Интернет, но и да користат нови технологии за воспитни цели;
  • Презентации и дигитални работилници за деца и родители.

Kористење на информатичко-комјутерската технологија во образованието ја осовременува наставата од повеќе аспекти:

  • ја зголемува и проширува  достапноста на наставните ресурси;
  • наставниците во процесот на поучувањето можат да користат и електронски содржини, аудио и видеопрезентации кои самите ги изготвуваат.
  • иновативната настава ќе поттикне развој на дигитални вештини што ќе бидат неопходни за сите идни работни места
  • ги приближува методите на учење и поучување до потребите и интересите на учениците;
  •  им го олеснува оценувањето на наставниците;
  • озможува перманетно следење на резултатите и редовноста  на учениците од страна на родителите преку е дневник;  
  • ги засилува компетенциите за доживотно учење и др.

За реализација на ваквата настава е неопходна соодветна инфраструктура на училиштата и училниците, затао ДОМ предлага:

  • да продолжи опремување со компјутери и паметни табли,  достапност на дигитални наставни содржини и алатки и на други релевантни електронски средства за поучување и учење;
  • издвојување на поголем буџет за образование во ЕЛС, фонд за дигитализација за ранливи категории на ученици;
  • за стабилна интернет конекција, давател на  универзална услуга да инсталира интернет мрежа до секоја рурална средина;
  • назначување лице во секое училиште за стручна помош и подршка за наставниците за дигитални вештини.