Во последно време се почесто се зборува за алармантната еколошка состојба во која се наоѓа нашава планета. Се почести се меѓународните он-лајн научни собири на највисоко стручно ниво, посветени токму на овој проблем, за да се спречи натамошното загадување на природата, која што е веќе загрижувачки затруена, за да престане нарушувањето на еколошката рамнотежа, нарушувањето на климата, уништувањето на флората и фауната на копното и во водите, за да не се случи, како краен резултат, да се уништиме и самите себеси. Очигледно е дека опасноста што се закануваше и се заканува од нуклеарна катастрофа е речиси еднаква, ако не и понереална од опасноста од еколошката катастрофа која што може да и се случи на нашата планета Земја. Токму од тие причини Обединетите нации често преземаат акции за заштита на планетава, на нашата природна околина, за да можеме и натаму да опстојуваме во нашата животна средина, организираат конференции посветени на оваа тема и донесуваат специјални протоколи, резолуции и повелби, кои се обврзувачки и треба да ги почитуваат сите држави. Обединетите нации 22 април го прогласија и Ден на планетата Земја, кога се потсетуваме на значењето на животната средина, на еколошката свест, на природата воопшто и на се она што го добиваме од неа, што значи наш живот и опстојување на оваа планета.
Денот на планетата Земја – 22 април првпат е одбележан во 1970 година во Соединетите Американски Држави, а денес по 51 година над 190 земји ширум светот и над една милијарда луѓе се приклучуваат во неговото одбележување. Од година во година, бројот на активисти, граѓански здруженија, научни институции, владини и невладини претставници, се приклучуваат во одбележувањето на овој ден, поддржувајќи ги зелените еко-политики како неопходни, за спас и задржување на наследената природна рамнотежа на планетата Земја. Па дури и сега, во услови на голбалната здравствена криза, која еве, веќе втора година е присутна и актуелна, зголемениот интерес за одблежување на овој ден организиран и манифестиран преку масовни он-лајн дискусии и презентации, укажува на должното внимание и загриженоста за текот на настаните предизвикани со климатските промени кои секако се драстично поизразени од пред само пет децении.
Неконтролираното трошење на природните ресурси како резултат на човековото долгогодишно дејствувње, намерното или случајно уништување на тропските шуми, искористувањето на водните ресурси, аерозагадувањето и загадувањето на почвите, зголеменета трговија со животни и неконтролираното ловократство, се само дел од активностите со кои ние луѓето, без преседан, неповратно ја нарушуваме природната рамнотежа, непоходна за нашето постоење.
Прашањата и одговорите што навистина загрижуваат се поврзани со сложениот и балансиран еко-систем од кој сме и ние дел и со притисокот од човечките активности и дејствија. Дали и до кога она што ни е дадено, треба да се зема здраво за готово и дали настанувањето на светот и нашиот еволутивен процес е случаен избор?
Светската здрвствена криза предизвикана од вирусот Ковид-19 несомнено го промени нашето живеење, кое гледано преу еволутивната призма, донесе ново секојдневие во нашето однесување, дружење и комуницирање. Справувањето со опасностите што ги предизвикува вирусот и прилагодувањето спрема новонастанатите услови за зштита на нашето здравје, условно направија рестрикција на дел од современите човекови активности кои директно влијаат врз намалувањето на штетните последици врз животната средина. На пример, според некои истражувања актуелните карантини или популарно кажано lock-downs, доведоа до намалување на јаглеродните емисии до 25% и до 50% намалување на азотните оксиди, што секако имаат влијание врз глобалното аерозагадување.
Дали ваквите промени во нашите општества, предизвикани од Ковид-19 пандемијата, ќе нѐ натераат нас луѓето, свесно да направиме еволутивни промени во однесувањето спрема планетата Земја и спрема она што природата ни го дава на дланка? Дали ќе го спасиме нашиот дом, нашата планета? Ние немаме Планета Б, и покрај тоа што човекот е во потрага по испитување на услови за живот на другите планети, сепак, нашата иднина е на оваа планета, која што треба да ја чуваме, за да се зачуваме и ние самите. Овој меѓународен Ден на планетата Земја – 22 април, е ден кога се потсетуваме на сите суштински вредности што се однесуваат на нашиот опстанок, вредности кои претставуваат нераскинлив дел од нашите заложби за подобрување на животната средина и подигнување на еколошката свест кај сите луѓе во светот.
м-р Елисавета Марковиќ