ДОМ: Планот за Мал ринг не е зрел за јавна расправа

Зелената партија ДОМ апелира да запре постапката за донесување на Урбанистичкиот план за Малиот ринг.

За Планот не е донесена Одлука за неспроведување Стратегиска оцена на животната средина, што е спротивно на Законот за животна средина. Бараме за Малиот ринг задолжително да се спроведе Стратегиска оцена на животната средина. Со стратегиската оцена ќе се процени влијанието на сообраќајното решение во опфатот, на загадувањето на воздухот. Ќе се процени и соодветноста на планскиот концепт во однос на примената на Законот за урбано зеленило. Исто така, ќе се направи и анализа на влијанието од галиите во Вардар врз можно излевање на реката во неповолни хидролошки услови.

Со овој План за Мал ринг би се потврдила штетата што му беше нанесена на главниот град со проектот Скопје 2014, за кој сеуште се во тек судски постапки.

ДОМ и нашата советничка во општина Центар, Бети Дејанова го поддржуваат барањето на независната советничка Јана Белчева и О2 иницијатива, јавната расправа да не се одржи сега во лето, кога голем дел од граѓаните веќе се заминати надвор од градот. Не треба да се дозволи носење планови кои го дефинираат јавниот простор на граѓаните, без нивно масовно учество.

Имајќи ја предвид важноста на овој План, ДОМ ја повикува општина Центар да распише Конкурс за изработка на урбанистички план за Малиот ринг и да им овозможи на граѓаните да добијат центар на градот по нивна мерка.