Во изминатите неколку месеци светот се соочува со до сега во мирнодопски услови невидени закани по здравјето и благосостојбата на луѓето предизвикани од коронавирусот. Здравствените експерти укажуваат дека корона пандемијата ќе продолжи да претставува сериозна опасност и во следниот период, се додека не се пронајде вакцина против вирусот. Оттука, неминовно е прифаќањето на новата реалност и фактот дека ќе мораме да се научиме да живееме заедно со вирусот, штитејќи го своето и здравјето на другите луѓе преку почитување на мерките за заштита: одржување дистанца од 2 метра, носење заштитна маска на лицето и често миење на рацете.
За Зелената партија ДОМ здравјето на граѓаните е највисок приоритет. Затоа инсистираме на строго почитување на заштитните мерки. Од тие причини ДОМ уште во март ги затвори сите општински канцеларии, а активностите од доменот на Централната канцеларија се изведуваа од дома. Сите партиски состаноци, конференции и обуки се одвиваа онлајн.
Во контекст на претстојните парламентарни избори закажани на 15 јули, инсистираме на целосно почитување на препораките и мерките од Министерството за здравство и СЗО и следниот
Протокол за заштита од коронавирусот
- Останува во функција единствено Централната канцеларија на ДОМ во Скопје, а општински канцеларии или штабови нема да се отвораат.
- Да продолжи воспоставената пракса за одржување онлајн состаноци.
- Во случај на неопходни средби во канцеларијата, да не присуствуваат повеќе од 10 луѓе.
- Во секоја просторија на канцеларијата постојано да има заштитни маски и средства за дезинфекција на рацете.
- Секое лице присутно во канцеларијата задолжително да носи заштитна маска.
- При евентуални состаноци, растојанието меѓу присутните да биде најмалку 2 метра, со задолжително носење маска на лицето.
- Да се врши дезинфекција на работните површини пред и по секој состанок.
- Постојано да се проветрува просторијата.
- Да не се користат клима уредите.
- За време на средбите со граѓани на отворено, да се држи дистанца и задолжително да се носи маска на лицето.
- При средбите, активистите од ДОМ задолжително да носат со себе повеќе маски, во случај ако соговорникот нема маска, да му биде веднаш обезбедена.
- Активистите од ДОМ да присуствуваат на средби во затворени простори само доколку има услови за одржување дистанца, со задолжителна маска на лицето и да нема присутни повеќе од 30 лица.
- Активистите на ДОМ да присуствуваат на средби на отворено само доколку има услови за одржување дистанца, со задолжителна маска на лицето и да нема присутни повеќе од 50 лица.
- Доколку се поканети на средба на која се присутни повеќе од 30, односно 50 лица, активистите од ДОМ да реагираат кај организаторот и да ја напуштат средбата.
- При патување да нема повеќе од 2 лица во еден автомобил и да носат заштитна маска на лицето.
- На денот на изборите строго да се почитуваат препораките од здравствените власти и ДИК.