Прв училишен ден, прво одделение, наставничката го поздравува класот преполн со идни интелектуалци, многу мали, ама наредна генерација која ќе биде темел и движечка сила во општеството. Ги поздравува и се претставува, им објаснува зошто секој еден од нив е одговорен за своето другарче, им објаснува кои се правилата на класот, им објаснува дека тимскиот дух е најважен. Наставничката им објаснува на многу „пластичен“ јазик, лесно разбирлив за мали дечиња, но дечињата по некое време развиваат колективен тимски дух и почнуваат да се групираат и на несвесен начин го ставаат своето одделение пред се, ги почитуваат правилата за сите од одделението ја добијат наградата, наградата е мала, уште еден час меѓусебно дружење.
Вака некако проаѓа првата училишна година во високо развиените земји. Колективната свест и одговорност се учи од најмали нозе, детето учи дека мора да се почитуваат правилата на општеството и дека групата е поважна од индивидуата, учат дека за да опстои индивидуата мора групата да се прилагоди на правилата. Каде е тука проблемот? Поминуваме уште еден викенд во целосен карантин, да бидам искрен полабав од оној велигденскиот ама карантин е карантин. Додека светот се подготвува за вториот бран од корона вирусот, ние му даваме „шанса“ на првиот бран, дали се приврзавме емоционално или не дојде време да се „раскине“ врската.
Црна Гора повеќе денови е без ниту еден случај, Словенија исто, Хрватска на една рака повеќе од една недела ги брои новозаразените. Кога ги гледаме успесите на соседите почнуваме да ги споредуваме фактите. Каде потфрливме? Зошто по целосни карантини, строги полициски часови и мерки, бројките на новозаразени се како на почетокот на кризата?
Се враќам на почеток, додека други држави се справуваа со преполнети здравствени капацитети, ние сосема спокојно го изменаџиравме целиот процес, ретко транспарентно граѓаните беа известени за се, почна да се враќа довербата во системот и во стручноста на надлежните, на експертите, на лекарите. И не не разочараа. Резултатите се видливи и од фактите нема бегање.
Знаењето е сила знаењето е моќ. Жива вистина. Кога по добиените битки, се подготвуваме да ја добиеме и војната, пак потфрливме. На моменти кога се донесоа бројките на 5 до 7 лица на ден, па минимално се зголемија на 10-13 решивме да си „поиграме“ со ситуацијата. На социјалните медиуми „врие“ од невистини и лажни вести, коментари под информациите по осумстотини, деветстотини. 900 луѓе под една фотографија коментираат, фотографијата е од друга држава, од друга намена и во сосем друг правец. Наслов спектакуларен кој вели: ШОКАНТНО,СЕ СПРЕМА ЧИПИРАЊЕ ЗА КОНТРОЛА ВРЗ НАШИТЕ ГЛАВИ. Преку 800 коментари од типот, ете корона не постои, за тоа ја измислија да не чипираат. Со вакви и слични илјадници лажни вести имаме губење на страв од болест, од нешто за што моментално нема лек а велиме дека е светски заговор и лага. Лага од која умираат луѓе. Чудно нели. За да биде уште почудно, тука се и верските заедници кои организираат масовни верски собири. Резултатите од тоа веќе ги гледаме. Почитување на мерките за заштита беа единствен услов за олабавување на мерките и “враќање во нормала”. Секојдневно гледаме фотографии од групни собири, непочитување на полициски час, семејни прослави, неносење на заштитна опрема.
Една работа мора да ни е јасна. Докторите и медицинските лица кои буквално гинат за секој еден од нас, не веруваат во светски теории на заговор. Под скафандерите се луѓе кои имаат семејства, деца, внуци, браќа и сестри. Тие луѓе работат по 24 саати за да спасат живот, тие луѓе ви кажуваат дека болеста постои и не е лага. Секој ден ја гледаат, доволен доказ нели ? Ниту една мерка и препорака нема да биде корисна ако не ја почитуваме. Колективната свест и одговорност е единственото нешто што ќе не извади од оваа криза. Бројките се високи поради тоа што не ги почитуваме препораките. Секој од нас е одговорен за себе, своите блиски и државата.