ДОМ: Премин кон Зелена економија како излез од корона кризата

Денес во организација на невладината организација Зелен институт и ДОМ, со поддршка на фондацијата Биро де Хелинг од Холандија се одржа онлајн Конференција на тема „Зелена економија за излез од корона кризата“. На Конференцијата воведни обраќања имаа Наташа Амдију, претседателка на Зелен институт и Маја Морачанин, претседателка на зелената партија ДОМ. На Конференцијата која ја модерираше Лилјана Поповска учествуваа и експерти од областа на животната средина, претставници на институции и граѓански организации.

Маја Морачанин истакна дека Зелената економија која ги интегрира социјалната правда, заштитата на животната средина и климата и одржливиот економски развој е концептот за развој на македонското општество по корона кризата.

На работната сесија на Конференцијата говореа: Ана Петровска – државна секретарка во Министерството за животна средина и просторно планирање, која зборуваше за зелени работни места како потенцијал за вработување на младите, Кристијан Балевски – од Прва органска задруга – Валандово чија тема беше „Органско производство и здрава храна како предизвик за младите“, Ервин Реџепагиќ, инж. по електроника, од приватниот сектор, зборуваше за енергетиката, новите технологии и дигитализацијата. Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски, ги објасни предизвиците на екотуризмот – можност за локален економски развој, а Христина Оџаклиеска, планер со посебни овластувања во Агенцијата за просторно планирање го презентираше концептот на зелена економија во интерес на јавното здравје. Мирослав Богдановски, раководител на Градскиот инспекторат во Скопје зборуваше за воведување еколошки стандарди во индустријата и инспекциски надзор. По излагањето на сите учесници, се отвори дискусија од која произлегоа следните заклучоци:

По корона кризата македонското општество треба да се развива според концептот на Зелената економија по принципите на социјална правда, заштита на животната средина и климата и одржлив економски развој. Потребно е да се овозможи праведна енергетска транзиција од употреба на фосилни горива кон обновливи извори на енергија, учеството на ОИЕ од сончева енергија и ветер да биде најмалку 40% до 2040 година, поддршка на граѓаните за производство електрична енергија од ОИЕ, отстранување на ограничувањето од 4KW на инсталирана моќност на постројки од фотонапонски панели за физички лица, инвестирање и поодршка за енергетска ефикасност на јавни, приватни објекти и индустриски процеси, инвестирање во истражувања и иновации. Отворање зелени работни места, со воведување соодветни програми во редовниот образовен систем на сите нивоа и субвенционирање обуки за доквалификација и преквалификација на струките што се неопходни за премин кон зелената економија. Носење Закон за социјално претприемништво, со цел формализирање на неформалната економија.

Производство на локална здрава храна и инвестирање во органското земјоделство, за да биде примамливо и атрактивно за младите. Поддршка на задругарството како начин на здружување за зголемување на капацитетите, а во исто време и намалување на трошоците.

Зголемено искористување на ИПАРД средствата, прилагодување на критериумите со цел овозможување брза имплементација и да започне финансирањето преку Македонска банка за подршка и развој.

Овозможување електрична енергија за секој земјоделски производствен капацитет, субвенционирање на соларни панели и пумпи за наводнување со што ќе се зголеми на производството и забрана на издавање на дозволи за Г1 тешка индустрја во сите земјоделски региони во Македонија.

Развој на екотуризам и рурален туризам, наместо масовен туризам, измена на Законот за туристичка дејност, носење Стратегија за развој на туризмот, Стратегија за екотуризам и рурален туризам.

Формирање на Агенција за дигитализација, воведување на е-услуги на сите нивоа, помеѓу институциите, помеѓу институциите и граѓаните и институциите и бизнис секторот; Имплементaција на концептот „Smart City„ и интернет систем, платформи за здравствена заштита и образование.

Воведување на концептот на Зелени паметни градови за здраво и хумано живеење, доследна примена на новиот Закон за урбанистичко планирање и Законот за урбано зеленило, носење на нов Правилник за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, интегрирање на зелена инфраструктура, воведување зелен транспорт, воведување зелени зони без автомобили во централните градски подрачја, повеќе пешачки зони, велосипедски патеки и зголемен процент на јавни простори.

Инвестиции во изградба на железничката мрежа, со цел поврзување на сите населени места со железнички сообраќај, субвенции за електрични и хибридни возила.

Изградба на пречистителни станици за отпадни води, доизградба на колекторскиот систем на Охридското Езеро, одземање на дозволите за санација на речно корито при злоупотреба со цел ископ на песок, санација на мрежата за водоснабдување, за да се намалат загубите на вода , инвестирање во заштита од ризик од поплави.

Премин од линеарна кон циркуларна економија, за намалена експлоатација на природните ресурси, поттикнување на реупотреба на производите, рециклирање и создавање што помала количина отпад за депонирање. Воспоставување интегрирано регионално управување со отпадот.

Попис на сите индустриски загадувачи во земјата со изработка на катастар на загадувачи, темелна ревизија на сите издадени еколошки дозволи и елаборати, ставање во законска рамка на капацитети што работат без дозвола, континуирана обука на инспекторите и засилен инспекциски надзор.