Лидерката на ДОМ, Морачанин: Одговорноста е на оние што блокираат 1 ИЕ

Секој политичар за своите постапки и одлуки одговара пред граѓаните.

Овој закон не е во интерес само на ‘помалите’ политички партии, туку и на граѓаните, затоа што 50 проценти од нив на анкетите се изјаснија дека сакаат една изборна единица.

 Извесно е дека не би можеле да се разгледаат 6000 амандмани до распуштањето на Собранието за измените на законот за една изборна единица. Дури и да започне расправата во матичната комисија, таа би траела со месеци, така што не би можел да се стаса рокот до 12 февруари кога се распушта Собранието и да донсат законите за една изборна единица, отворени листи и еднаква застапеност на листите на мажите и жените“, изјави за А1он, Маја Морачанин, една од 17-те пратенички кои ги иницираа овие закони.

„Во вакви услови и да започне дебатата јасно е дека ќе нема време да се стаса, затоа што имаме огромен број на амандмани. Ако се врши претрес на амандан по амандман, тоа би траело во недоглед. Со поднесувањето на амандманите од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ пораката е јасна, дека суштината е да се блокираат законите , а не да имаме суштинска дебата. Доколу имаа волја и беа конструктивни, ќе имавме можност да ги соочиме ставовите“, рече Морачанин.

Таа додаде дека иницијаторите не се откажуваат од долгогодишната идеја, за која се залагаат и уште еднаш ги повикаа двете партии кои се противат да покажат политичка доблест да се одблокираат законите за кои има обезбедено мнозинство од 65 пратеници.

„Ние не се откажуваме од целиот процес и се уште има некаква надеж доколку ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги повлечат амандманите. Постои и можност, амандманите да се групираат да дојдеме до разумна бројка за да почнеме дискусија во комисијата за политички систем. Доколку има конструктивност, може добар дел од тие амандамни и да прифатиме и да така ќе се одблокира процесот“ додава Морачанин.

Доколку измените на Изборниот законик не се донесат, пратеничката порача дека политичката одговорност пред граѓаните за неуспехот треба да ја сносат партиите кои го опструирале процесот.

„Секој политичар треба да биде свесен за постапките и за одлуките пред граѓаните. Овој закон не се носи само заради помалите партии, туку и заради волјата на гласачите при што над 50 отсто од нив на анкетите се изјаснија дека сакаат една изборна единица. Целиот процес го водиме транспарентно и отворено пред граѓаните кои го имаат последниот збор на избори“, рече пратеничката Морачанин.

Извор: a1on.mk