Земјава има најевтина туристичка такса во регионот, но и таа не се плаќа. Туристичка инспекција не постои, сè уште немаме воведено и можеби во овој сегмент сме последни на Балканот. Според бугарската статистика, лани нè посетиле околу 350.000 Бугари, а ние сме успеале да „изброиме“ само 70.000 – 80.000, што покажува дека нешто навистина не е во ред. Моделот на субвенционирање десет години не е сменет иако одамна не го дава посакуваниот ефект. Мора еднаш да се соочиме со фактите, да ги кажеме и да почнеме да ги решаваме работите. Мора, конечно, максимално сериозно да сфатиме дека туризмот е исклучително моќна алатка за развој на државата, вели директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Љупчо Јаневски во интервју за МИА.
Јаневски најавува формирање измени на законската регулатива, формирање т.н. дестинациски бироа, креирање стратегија во соработка со експерти од Светска банка, како и уште поголема отвореност кон домашните и странските туроператори. Вели, императив в година ќе бидат романските туристи, шпанските, италијанските, но секако и домашните и оние од регионот.
Интенција на Агенцијата, според првиот човек, е нејзино етаблирање на многу повисоко, национално ниво.
Одржливоста е клучен фактор за развој на туризмот, а сè додека имаме „расцепканост“ во туристичкиот сектор на голем број комори и здруженија, како и нивна неусогласеност, не можеме да зборуваме за големи чекори, туку само за мали, индивидуални интереси, порачува Јаневски.
Директоре, како ќе ја завршиме годинава? Што велат бројките, успешна ли ќе биде од аспект на туризмот?
Годинава е многу успешна. Успешна е од неколку аспекти. Го одржавме растот, кој е многу значаен. Всушност, овие две години, 2018 и 2019, бележиме раст за околу 30 отсто. Тоа воопшто не е малку и ја покажува одржливоста во туризмот. Зошто велиме одржливост во туризмот? Зошто натаму треба да одиме.
Имавме долга туристичка година, која почна во април, а заврши во ноември. Досега се нема случено во историјата на државата да имаме шестмесечна сезона во туризмот.
Во првите неколку месеци целиот регион не стартуваше добро, но не нè фати паника. Направивме анализи, видовме кои се проблемите. Детектиравме дека еден од најголемите проблеми е економската криза во Турција, нашиот прв пазар, кој падна за 56 проценти. Тоа ни даде сигнал дека мораме веднаш да продолжиме со посилни промоции, да ја интензивираме соработката. Резултатот е евидентен. Бројките се коригираа, скокнаа за неверојатни 66 отсто.
Генерално, годинава ќе ја завршиме со околу 1,3 милион туристи и 3,5 милиони ноќевања. Ова се рефлектира врз девизиниот прилив, во првите три квартали со 308,5 милиони долари, што е околу 3,3 проценти раст повеќе од лани. Значи, со третиот квартал, напред е веќе тројката. Досега беше двојка. Тоа покажува дека очекуваните, предвидените и проектираните 400 милиони долари како импакт од туризмот за 2019 година се можни.
Кои туристи беа најбројни, дали „составот“ и натаму е ист и дали можеби размислувате за поинаков таргет в година?
Интересно, две групи туристи имаа најголем раст, а други забележаа кумулативен раст. Ако зборуваме за бројка, Шпанците и Грците се најбројни, со околу 50 проценти во првите 10 месеци од годинава и тоа ме радува зашто покажуваат подготвеност да нè посетат. Затоа, Агенцијата првпат, сега во јануари, ќе оди заедно со четири туроператори на саемот во Мадрид. На шпанскиот пазар треба сериозно да сметаме. Можно е, ако има интерес, да се зголеми и бројот на директни летови.
Споменав и дека успеавме да ги „вратиме“ турските туристи. Тие, исто како лани, годинава ќе достигнат околу 120.000. За 2020-та, првпат, се најавени по три чартери од Измир (за Скопје и Охрид), кои ќе летаат 12 недели во текот на сезоната. Летовите ќе бидат со пакети од три до пет дена престој во земјава.
Можете ли да ни кажете конкретно, кои проблеми сè уште го кочат македонскиот туризам?
Има неколку. Прво, би рекол, основно е да веруваме во туризмот дека како област може да ја раздвижи многу добро македонската економија, дека може да креира работни места. Според статистиката, околу 15.000 луѓе се директно вработени во туризмот. Оттука, индиректната бројка во сезона стигнува и до 50.000. За неколку години треба да успееме тие 50.000 луѓе трајно да ги врземе со договори за работа.
Вториот проблем е законската регулатива. Ќе мора да ја приспособиме. Тоа пред сè значи дека ќе мора да имаме туристичка инспекција, дека ќе мора да имаме контрола врз туристичките такси. Ќе мора да воведеме и т.н. дестинациски бироа (destination management). Многупати зборуваме за одржливост на дестинацијата, но тоа не може да се добие со квантитет, со скок на број на туристи за 20 – 30 отсто секоја година или со субвенционирање чартери, туку само со внимателно градење на туристичкиот сектор, внимателно развивање одредени региони, со развивање на руралниот туризам.
Заедно со Министерството за економија веќе работиме на законските измени. Нашите предлози се доставени, топката е кај Министерството.
Би ги спомнал и визите за кинеските туристи. Но, тие не се единствената пречка. Треба да си го поставиме прашањето дали сме подготвени за кинескиот пазар, дали имаме водичи што знаат кинески, дали имаме ресторани, приспособени менија или хотелски капацитети за нивните потреби? Да, треба да се отвориме кон кинеските туристи, но многу претпазливо, зашто не ни треба масовност.
Директоре, колку го следиме светскиот тренд, кој постојано се менува? Туристите денес бараат сосема поинакви, различни, атрактивни понуди. Сè почесто се сретнува и поимот екотуризам…
Ние сме единствената земја во регионот што нема стратегија за екотуризам. Немаме ниту туристички водичи за тоа. Мора да ги разработиме локалните капацитети, да ги увериме луѓето дека тоа што се случуваше пред 20 – 30 години на Алпите, во некои рурални делови на Франција, може да го има и тука.
Една од силните алатки на европските земји за развивање на руралните средини е туризмот, создавањето „зелени“ работни места, семејни бизниси, брендирање на дестинациите… Ако ме прашате до каде сме на ова поле, би рекол, имаме само чекори, сепаратни. Треба да создадеме услови за пречекување гости, преку грантови, помош и едукација на населението. Не да привлечеме гости кои ќе престојуваат час, два, три, туку неколку дена. Да ги задржиме да преспијат, да им понудиме локална храна, работилници, да засадат некое дрвце, да доживеат и да споделат искуство…
Затоа, во 2019 година вториот дел од кампањата го насочивме кон т.н. слободни патувачи. Сто проценти сме присутни онлајн на интернет-медиуми во девет земји, на нивен јазик, со куси видеа и текстови преку кои порачуваме: „Ова е твојата дестинација.“ Засега, 10 – 15 пати е зголемена посетеноста на нашата страница „Маседониа тајмлес“. Ако сме имале 30 – 40 пребарувања дневно од Словенија, сга имаме 200 – 300. Но и, генерално, пребарувањето на „Маседониа тајмлес“ оваа година е за сто отсто поголемо.
Државата подолго време дава субвенции за развој на туризмот. Дали тие дадоа резултат и дали можеби Агенцијата има свој предлог во сегментот поддршка?
Во овој момент имаме субвенционирање кое, како што кажав и пред 1,5 година, не е добро и треба да се смени. Едноставно, создава нелојална конкуренција.
Никаде во светот во туристичката пракса немало мерка која трае десет години и која толкав период е иста, непроменета. Субвенциите го дадоа својот плод, но начинот на кој се реализираат сега е илузорно да продолжи зашто од 2015 – 2016 година немаат ефект.
Имаме неколку нивоа на давање субвенции: од 15 до 65 евра, поделени според системот на дестинација. Ако ги погледнете резултатите кумулативно, за 2018 година се субвенционирани 4,95 проценти од вкупниот број на странските туристи. Платени се странски туроператори за гостите да дојдат, околу 77 милиони денари. Но, ако подлабоко ги погледнеме анализите, ќе видиме дека пазарите на 20-те земји од кои сме очекувале со 65 евра мотивација да донесеме туристи, само еден функционира. Холандскиот. Ниту еден друг не подигнал чартер, ниту еден не зел субвенции, воопшто. Значи, 65-те евра не го дале ефектот како мотивирачко средство некои туроператори да работат. И притоа, десет години не сме ја смениле мерката.
Турските туристи, кои се најбројни, добиваат 15 отсто субвенција. Од друга страна, и покрај тоа што имаме 28.000 туристи од Холандија, на двата најголеми оператори им плаќаме 84 отсто годишно од вкупната сума субвенции. Им плаќаме секоја година околу 60 милиони денари на само двајца холандски туроператори.
Дополнително, имаме субвенции од 45 и 35 евра. Под истите услови туроператорите од Полска во 2017 година подигнаа чартери и досега се околу 40.000 туристи за 2019 година, иако субвенцијата е 35, а не 65 евра. Но, ние повторно сè уште не ги менуваме субвенциите. Некои наши туроператори и здруженија протежираат плаќање субвенции по чартер што носи само „масив туризам“, а на своите прес-конференции се заложуваат за алтернативни форми на туризам, мали групи луѓе.
Во овој контекст би порачал дека, сè додека не видиме од коморите и здруженијата конкретни аргументи базирани на анализи, статистики, истражувања за субвенциите, сè дотогаш нивните предлози ќе ги сметаме за желби на индивидуални лобисти.
Нашиот предлог, на Агенцијата, е субвенциите да бидат исти за секоја дестинација, но да се разликуваат зависно од капацитетот во кој ќе бидат сместени туристите, односно да се распределуваат по принцип на ѕвездички. Тој што ќе добие сместен во хотел со пет ѕвезди, да добие најголема субвенција, а не како сега, иста субвенција следува и за хотелско со пет ѕвезди и за приватно сместување. Новиот систем на субвенционирање ќе овозможи поголема поддршка надвор од сезона и помали субвенции кога е шпицот, во јуни, јули, август. Тогаш веќе и нема да бидеме евтина дестинација како што сите сакаат да продадат.
Ја споменавте туристичката такса. Уште ли кубуриме со неплаќање и недисциплина во оваа сфера? Ако да, зошто? Дали тоа се одразува врз реалните бројки во туризмот?
Точно. Неплаќањето на туристичката такса е наша недисциплина, неодговорност. Но, заврши времето кога пријавуваме или не пријавуваме, кога правевме што сакаме. Мора да сфатиме дека туризмот е многу моќна алатка за развој на државата. Туристичката такса, која оди директно кај општините, буквално ќе ја размрда локалната економија и ќе покаже колкав е всушност реалниот импакт од туризмот.
Инаку, земјава има најевтина туристичка такса во регионот. Една е и изнесува 40 денари дневно. Ја плаќа туристот. Осумдесет проценти од неа или 32 денара се слеваат во општинската каса, а останатите одат во државниот буџет. Таксата во локалната самоуправа мора да се искористи за туристичката дејност, за промотивни или други цели.
Домаќините кои ги добиваат овие пари треба да ги пријават и да ги дадат во Општината, но тие или ги задржуваат за себе или не наплаќаат воопшто. Гостинот, автоматски, не е пријавен во полиција дека е дојден. Дополнително, неговиот „аранжман“ е на црно и потоа, едноставно, нема да влезе во никаква статистика. Тоа е таа црна или сива зона.
Од друга страна, неплаќањето на таксата и непријавувањето на гостите повлекува многу други даноци, кои не влегуваат во касата. Значи, покрај статистичката бројка, имаме и затајување данок. Се смета дека сивата зона во туризмот на регионално ниво е меѓу 30 и 35 отсто. Според тоа, ако на 1,2 или 1,3 милион туристи ги додадеме овие 35 проценти мислам дека сме многу блиску до мојата проекција од 1,5 милион и нешто преку четири милиони ноќевања, па дури и накај пет милиони.
Уште еден пример. Ако според бугарската статистика нè посетиле околу 350.000 Бугари во 2018 годинава, а ние сме успеале да „изброиме“ само 70.000 – 80.000, тука нешто не е во ред.
Словенија, која е одличен пример, има три туристички такси. Третата е еколошка такса, но без разлика, таму луѓето се одговорни и сите такси ги плаќаат. А ние, ако имаме ваков пристап, на недисциплина, како мислиме долгорочно да развиваме нешто? Агенцијата во изминатиов период се обиде да го зголеми плаќањето на туристичката такса. Можам да кажам дека се зголемува бројот на луѓето што плаќаат. Но, тоа не е доволно.
Мислам дека сме последни на Балканот и што немаат воведено туристичка инспекција. Како тогаш ќе се избориме со нелојалната конкуенција?
Каков ќе биде концептот во 2020 година? Каква е всушност визијата за македонскиот туризам, ако воопшто ја имаме?
Агенцијата за туризам во 2020-та ќе понуди нов пристап на промовирање и ќе форисира уште поголема отвореност кон туроператорите, и домашните и странските. Всушност, пред нас се неколку предизвици. Примарниот е да ги задржиме туристите ден повеќе во нашата земја. Во фокус ќе бидат и законските измени, пред сè воведувањето туристичка инспекција. Но, интензивно ќе се работи и на дестинациските бироа, кои практично ќе ги уредуваат сите потреби за туризмот во регионот на кој се однесуваат, а „живеат“ од туристичката такса. Целта е на локално ниво да бидат вклучени сите чинители, општините, комуналните претпријатија, граѓаните.
Согласно она што го детектиравме со помош на експертите од Светска банка, дестинациските бироа најпрво ќе може да се формираат во три региони, централниот, охридско-струшкиот и полошкиот. Но, за сè ова да го направиме, потребна ни е законска регулатива, која е вметната во измените.
Интенцијата в година ќе биде и етаблирање на Агенцијата на многу повисоко, национално ниво. Се надевам дека 2020-та ќе биде пресврт на тоа поле.
Во однос на гостите, императив ќе бидат романските туристи, шпанските, како што веќе реков, италијанските, секако домашните и оние од регионот.
Во 2020-та првпат ќе почне онлајн рекламирањето во Италија и во Германија зашто нè препознаваат како дестинација која сè уште не е откриена во Европа и во која би останале од три до пет дена. Конекцијата станува добра и од двете земји. Тој момент мора да се искористи. Ќе почнеме срамежливо, но сигурно да ги развиваме.
Бројот на Романците кои ја посетуваат земјава како слободни патувачи секоја година расте за 15 – 20 отсто. Ние сакаме да биде повеќе.
Сакаме и да се зголеми бројот на домашните туроператори кои ќе учествуваат на саемите за туризам. Нашата пракса е, ако нема туроператор подготвен да оди на некој пазар, да го исклучиме саемот таму. Тоа се случува со саемот во Утрехт, Холандија. Според Агенцијата, ако нема интерес на ниту еден туроператор од нашата земја да ги претстави своите продукти таму, немаме намера да одиме таму и да трошиме дополнителни средства за претставување на државата, кога и онака имаме два холандски туроператори кои работат 10 години и оперираат со 25.000 – 30.000 туристи.
Во 2020-та, и покрај тоа што буџетот не ни е во рамките на очекувањата и побарувањата, ќе се потрудиме да обезбедиме дополнителни средства за онлајн рекламирање. Во некои земји ќе бидеме 100 проценти онлајн застапени. Планирани се промоции и дома. Се работи и на десетгодишна стратегија со Светска банка, која треба да ги покаже првите резултати за околу една година. Во моментов работиме на стратегија од 2015 година, чии проекции се веќе надминати: бројка на туристи и ноќевања. Не треба да поаѓаме од индивидуалните интереси на некои чинители во туризмот, туку, креирајќи ја визијата, мора да ги препознаме државните интереси. Во стратегијата ќе видите и градење силен туристички сектор на секое ниво. Туристичкиот сектор ќе го градиме од индивидуата, туристичкиот работник, преку општината и регионот. Одржливост мора да имаме.