Пратеничките од ДОМ поднесоа закон за забрана на увоз на отпад како енергенс

Пратеничките од зелената партија ДОМ поднесоа измена на Законот за управување со отпад, со што се забранува увоз на отпад како извор на енергија. Со ова ќе се отстрани загадувањето на воздухот кое потекнува од горење на увезениот отпад што се употребува во индустриски капацитети како енергенс во производниот процес. Ова е барање и на граѓанските еко-активисти, кои укажуваат на зголемено загадување во непосредната близина на вакви индустриски постројки.

Иако постојниот закон е генерално во согласност со Базелската конвенција за отпад, праксата покажа дека имаме недостиг од ефикасен систем на контрола и управување со отпад. Со овие проблеми мора сериозно да се зафатат Управата за животна средина, која ги издава А-интегрираните дозволи, како и Државниот инспекторат за животна средина, кој ги контролира индустриските постројки. Треба да се направи ревизија и на А-интегрираните дозволи и на начинот како се врши контролата во индустријата, за да се отстранат пропустите во системот, независно дали се од нестручност, или од коруптивни побуди.