Зборот патриот првпат се споменува во осмиот век, а поимот патриотизам некаде во 18 тиот век. Историски гледано, тоа е термин што се употребувал да означи чувства и емоции, припадност, локација и поврзаност со татковината. Очигледно, станува збор за љубов и почит кон парчето земја на кое живееме, љубов кон државата. Но, денес во 21 век како да се изместуваат овие вредности, па се прашувам дали имаме почит спрема земјата, дали имаме емоции и грижа за она врз кое што газиме, за она од кое се храниме, го пиеме, дишеме и опстојуваме?
Треба да бидеме свесни за целото природно богатство што го има во нашата татковина. Низ Скопје тече Вардар, го имаме Водно, ја имаме Матка, го имаме рекреативниот центар Треска, имаме уште многу други природни убавини, за кои сметам дека не се грижиме доволно и кои може лесно еколошки да ги загрозиме, па дури и да ги уништиме. Охридското Езеро е најдлабоко езеро во Европа со најчистата вода на Балканот и е под заштита на УНЕСКО. Но, дали Охрид и Охридското Езеро ќе го задржат овој статус, доколку се знае дека природната убавина е нарушена со над илјада дивоградби, дека загадувањето постојано се зголемува, а животинскиот и растителниот свет во Езерото и околината, вклучувајќи го и националниот парк Галичица, пополека но сигурно се уништува. УНЕСКО во неколку наврати алармираше за ваквата состојба и упати предупредување за средување на овие проблематични прашања до февруари наредната година. Можеби сме на чекор од бришење од светската мапа на заштитени подрачја, а тоа би значело големо негативно влијание, пред се, врз развојот на туризмот, на економскиот и културниот развој на оптината и на државава, воопшто. Во таа насока и ние од зелената партија ДОМ енергично сме против дивоградбите и урбаниот хаос во охридскиот регион и против секаков вид на загадување и нарушување на природата.
Во екот на туристичката сезона, во акциите за чистење на Охридското Езеро беа извадени многу предмети што луѓето ги исфрлаат од своите домови, како на пример, мебел, када, телевизор, машина за перење и други елементи од бања, делови од градежен материјал и слично. Ваква акција на чистење на водите и околината беше спроведена и за Вардар и за другите реки во земјава. Но, покрај акциите треба да се организираат и едукативни трибини и да се подигне еколошката свест кај граѓаните за да се спречи зголемувањето на дивите депонии низ целата земја и да си ја заштитиме нашата природна убавина.
Со повеќегодишна заложба на ДОМ и соработка со невладините организации од источниот дел на нашата татковина, се спасивме од отворањето на нови рудници и во Собранието се донесе закон за поголема контрола при издавањето концесии. Со тоа се спречи натамошното загадување на водата, почвата и воздухот во тој дел од земјава. Затоа треба да се прекине и со нелегалната сеча на шумите и мора да се воведе ред и контрола на работата на шумската полиција.
Според мене, патриотизмот е почитувањето и на природата и здравата околина, на почвата, водата и воздухот. Не може било кој да се нарече патриот доколку фрла отпад каде ќе му текне, не може да се нарече патриот оној кој не се грижи за здрава животна средина, за здрав живот и за заштита на природата. Ајде уште од денес да бидеме вистински еко патриоти и да садиме повеќе дрвја, да се гордееме со Охрид како наш бисер, да се грижиме и да ги чистиме почвата, реките и езерата од најразновиден отпад. Зашто и со еко патриотизмот се манифестира љубов спрема татковината.