ДОМ: Колку каменоломи може да издржи Јабланица?

 ДОМ го поддржува протестот на жителите од Лабуништа против големиот број каменоломи со кои е опкружено нивното место, а што им го прави животот крајно нездрав и неподнослив. Бараме Државниот инспекторат за животна средина ИТНО да излезе на терен и да го утврди степенот на загаденост на воздухот со ПМ10 и ПМ2,5 честички, како и загадувањето на водите и почвата. Дополнително, треба да се изготви Стратешка оценка за влијанието врз животната средина на сите тие каменоломи на падините на планинскиот масив Јабланица.

     Според сегашните сознанија, се работи за вкупно 6 каменоломи, од кои четири имаат издадени Б-интегрирани дозволи, а другите се во фаза на добивање. Жителите на местата Лабуништа, Боровец и Јабланица, со над 15.000 жители, бараат да запре одобрувањето на нови концесии, а старите да се преиспитаат. Според нивните искази, живеат буквално затрупани во прашина и бучава, а болестите на дишните патишта се масовна појава.

     Како зелена партија, ДОМ укажува дека планинскиот масив Јабланица е еден од најубавите на Балканот и делот што се наоѓа во Албанија е веќе прогласен за национален парк, додека во Македонија е отпочната иницијатива за прогласување за национален парк. Јабланица има извонредни природни вредности, меѓу кои е и богатиот биодиверзитет, со рисот како загрозен вид.

      Целиот предел околу Јабланица има извонредни можности за развој на екотуризмот и обезбедување одржлив економски развој за жителите, по примерот на Вевчани, кое веќе израсна во туристичка дестинации за домашни и странски туристи.