Државниот секретар на Министерството за животна средина и просторно планирање Ана Петровска, учествува на третиот Конгрес на зелена економија (Green EconomyCongress – GEC) што од 6 до 8 јуни се одржува во Белград.
Оваа година, конгресот се организира под мотото „Зелени градови: Економска трансформација за Зелена Европа“ и се бави со еколошки теми и начините на кои зелената агенда и одржливиот развој може да станат составен дел од нашите размислувања, активности и делувања – со цел да поттикнат промени и иновативни решенија на глобално ниво, како и решавање на клучните економски, социјални и еколошки предизвици.
Во 2019 година, Конгресот на зелена економија ќе го стави акцентот на зелените градови како лидери на зелените промени и локалните одржливи политики кои стимулираат холистички пристап.
Во текот на тридневниот Конгрес, учесниците (експерти, академици и претставници од невладиниот и приватниот сектор, како и други заинтересирани поединци) ќе имаат можност да ги слушнат излагањата на некои од највлијателните економисти, иноватори, претприемачи и носители на одлуки, да ги споделат своите искуства и да откријат начини за промовирање на алтернативна и одржлива визија за раст и развој на светот.
Државниот секретар Ана Петровска на Панел дискусијата насловена: Регионални перспективи на циркуларната економија: Предизвици и можности“, имаше своја презентација за зелените работни места.
Според неа, зелените работни места придонесуваат за социјална еднаквост, за заштита на климата и одржлив развој на животната средина, но и за ефикасна употреба на ресурсите преку правилно управување со отпадот. Потоа, креирањето на вакви зелени работни места придонесува и за намалување на аерозагадувањето, конзервација на екосистемите, намалување на емисијата на стакленички гасови, за адаптација кон климатските промени, како и за зголемена енергетска ефикасност.
Конгресот на зелена економија претставува серија од интерактивни повеќе димензионални настани осмислени да создадат свест за неопходноста од транзиција кон одржлива и фер економија. Зелената економија е концепт што е холистички во својата форма – поттикнува развој но истовремено се залага за почитување и зачувување на регионалниот и глобалниот екосистем, ја подобрува човековата благосостојба и социјалната еднаквост, промовирајќи одржлив економски развој кој ќе ги намали еколошките ризици и предизвици.
преземено од: www.moepp.gov.mk