Пратеничките од ДОМ, Маја Морачанин и Лилјана Поповска, остварија средба со претставници од австриската Зелена партија, во Централната канцеларија на ДОМ.
Австриските зелени се интересираа за еколошките предизвици со кои се соочува нашата земја.
Се разговараше за третманот на отпадот и неопходноста од негово селектирање и рециклирање, изградба на современи санитарни депонии, чистење на дивите депонии, како и воведување на еколошка едукација во рамки на образовниот систем. Се истакна потребата од преминување од досегашниот линеарен економски модел кон циркуларна, зелена економија, преку развој на земјоделието, туризмот и незагадувачка преработувачка индустрија.
Особен интерес, австриските зелени покажаа за производството на електрична енергија кое во Македонија се базира на користење јаглен. Пратеничките од ДОМ ги запознаа со придобивките од новиот Закон за енергетика и веќе започнатите проекти за поголемо искористување на обновливите извори на енергија, пред се сонцето и ветерот. Исто така, ги информираа и за донесениот Закон за урбано зеленило со кој се овозможува заштита и унапредување на зеленилото. Посебено внимание, австриските зелени посветија на измените на Законот за минерални суровини, со кои се забранува отворање на рудници од отворен коп во кои се користат цијаниди и сулфурна киселина. Се дискутираше и за потребата од значителни финансиски средства за решавање на 16 жешки еколошки точки од старите индустриски загадувања.
Австриските зелени се интересираа за учеството на ДОМ во раководните структури на централно и локално ниво, како и за можноста за измена на изборниот модел од сегашните шест во една изборна единица.
Претставниците од австриската Зелена партија изразија поддршка за македонските евроинтеграциски процеси и добивање датум за почеток на преговорите, на јунскиот Самит на ЕУ.
На средбата се договори интензивирање на успешната соработка помеѓу двете зелени партии.