ДОМ, како зелена партија, го поддржува и најновиот граѓански протест против отворање на рудникот Иловица, што ќе се одржи во недела, во општина Босилово. Остануваме цврсто на ставот против изградба на рудник во плодното Струмичко Поле, зашто носи загадување на воздухот, водите и почвата. Нуди болест, наместо храна и здравје!
Со носењето на Законот за минерални суровини ја забранивме употребата на цијаниди и сулфурна киселина во рудници со површински коп, со што го оневозможивме лужењето на рудата со цијаниден раствор, што беше најлошото можно сценарио. Сега се најавува „само“ ископување на рудата и нејзина првична обработка, што е повторно доволно лошо сценарио, за да се отфрли. Зошто? Затоа што со раскопување на планината и отворање на рудното тело, покрај облаците прашина, сите тешки метали излегуваат на површина и реагираат со воздухот и водата, загадувајќи ја околината.
Тоа би бил крај на целокупното земјоделие и туристички потенцијал на тој прекрасен и питом пејсаж. Ние мораме да одбереме каков економски развој сакаме, но и каков можеме? Македонија е премногу мала за големите апетити на рударскиот бизнис и затоа мора да се ревидираат и усогласат сите просторни планови и стратегии. Храна, пејсаж и здрава животна средина, или РУДНИЦИ? Едно со друго се исклучува!
Но државата мора да им помогне на граѓаните да го унапредат земјоделието и туризмот, преку редица институционални механизми: земјоделска берза за откуп на производи, маркетиншки услуги за странските пазари, евтини кредити за капацитети за преработка на земјоделските производи и туристички објекти итн.
ДОМ инсистира на зелена економија и потсетува на неискористените милиони евра од европски фондови за рурален развој. Но залудно е да се очекува руралните жители, кои работат од утро до мрак, да седнат да пишуваат проекти и да аплицираат. Треба да се следи примерот на Словенија, каде властите на локално и државно ниво го организираа овој процес и ги исползуваа до максимум средствата, за развој на својата земја.
Затоа, НЕ за рудник во Иловица, ДА за зелена економија и здравје!