ДОМ: Уште една победа на правдата, Апелација ја одби жалбата на Боров Дол против ДОМ!

Апелациониот суд Скопје ја одби жалбата на тужителот Боров Дол ДООЕЛ Радовиш против зелената партија ДОМ, како неоснована. Советот на судии со претседателката Лидија Димчевска ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје II дека при пренесувањето на јавно достапни информации за рудникот Боров Дол од страна на ДОМ, нема клевета, ниту пак намера да му се наштети на честа и угледот на тужителот. Правото на слободно изразување е загарантирано со Европската конвенција за заштита на човекови права и судот тоа го почитува.

За ДОМ, оваа пресуда е потврда за искрената и чесна борба за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните. Ова е уште една победа на правдата во малубројните еколошки судски случаи во Македонија, што придонесува кон враќање на довербата во судството.

Добиената судска битка на ДОМ нека им даде сила и охрабрување на струмичките екологисти во борбата против опасностите од најавениот рудник Иловица! Тие ја имаат целата наша поддршка, зoшто ДОМ беше и останува на првата борбена линија против отворање на опасни рудници било каде во Македонија, а посебно во земјоделски и туристички региони. Сите ние како граѓани имаме полно право на здрава животна средина и здрав живот!