Пратеничките на ДОМ: Амандмани на Буџетот за аерозагадувањето и колекторите во Охрид и Дојран

Пратеничките на ДОМ поднесоа три амандмани на Буџетот за аерозагадувањето и колекторите во Охрид и Дојран, како ургентни потреби за следната година. Со амандманите е предвидена пренамена на средства од повеќе буџетски ставки во ставки стриктно наменети за подобрување на состојбите со животната средина во делот на воздухот и водите, во вкупна вредност од 34, 7 мил. евра.

Амандманот за аерозагадувањето предвидува зголемување на предвидената програма од 1,6 мил. евра на 25 мил. евра, колку што беа и проценките од Министерството за животна средина дека ќе бидат потребни, а кои планираше да ги обезбеди од други министерства и донации. Средствата се наменети за: набавка на мерни инструменти за мониторинг на воздухот, набавка на опрема и акредитација на централна референтна лабораторија, промена на горивата, поставување на сончеви панели и енергетска ефикасност за јавни објекти и домаќинствата, како и за изработка на регистар на возила. Се очекува со ова да се постигнат видливи ефекти во текот на една година.

Амандманот за Охридското езеро обезбедува средства во висина од 11 мил. евра за доизградба на колекторскиот систем, со оглед на тоа што е потребно итно заокружување на основната мрежа, во состојба кога туризмот е во подем и се очекува натамошен развој. Досега е изработена комплетна проектна документација, а е најавено и како владин приоритет. Обезбедување ефикасно функционирање на колекторскиот систем е и еден од заклучоците од собраниската надзорна расправа за управување со, од УНЕСКО заштитениот-Охридски регион.

За Дојранското езеро се предложени 200.000 евра за дореализација на проектот за реконструкција на пречистителна станица во општината, имајќи ја предвид состојбата со квалитетот на водата на езерото, зголемениот број туристи и слабиот капацитет на станицата.