Претставници од Општинскиот инспекторат, јавните институции и НВО -сектор во средата (19 септември 2018) во Делчево дебатираа на тема „План за комуникација и кампања против диво депонирање отпад“. Дебата беше во организација на НВО „Зелен институт“ , а во неа активно се вклучи и градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, кој истакна дека во Делчево се мапирани дивите депонии и ЈП пристапува кон нивно чистење, но потребно е да се реализираат повеќе кампањи за подигање на јавната свест кај граѓаните.
– Во Делчево пред само 2-3 месеци во соработка со ЈПКД „Брегалница“ ги чистевме дивите депонии, но и денес да излезете на овие места, повторно ќе видите дека се затрупани со ѓубре. Дивите депонии кај Попов мост, покрај манастирот Балаклија, Очипалска Река, покрај коритото на река Брегалница, Ралова Чука и скоро во секој ендек во градот. Јас недоамна реков и, пак, ќе потенцирам дека не може ниту општинските инспекции, ниту Јавното претпријатие секојдневно да одат по нас и да ни го чистат сметот што го фрламе на сите страни. Апелирам за поголема свест на граѓаните, за да си ја сочуваме животната средина и да се гордееме со она што природата ни го дала. Не велам дека не треба и поагресивна улога на инспекциите и на ЈП, но зошто да се служиме само со казни-истакна Трајковски.
Наташа Амдиу, претседател на „Зелен институт“ истакна дека овој проект се спроведува во 4 општини. Освен Делчево и во Кочани, Општина Кисела Вода и Општина Ѓорче Петров.
-Целта на проектот е граѓаните и институциите да седнат заедно и да дебатираат и бараат решение како да се реши проблемот со дивите депонии и да се преземат активности за отстранување на причините. Првиот чекор во рамките на проектот е мапирање на дивите депонии, вториот е испитување на јавното мислење на населението кое живее во близина на овие депонии, третата активност се дебатите, а четврта активност е креирање локални кампањи за подигнување на свеста на граѓаните, рече Амдиу.
Советничката во Советот на Општина Делчево, Дијана Јосифовски, спомена дека се мапирани многу диви депонии и тоа на влезот во градот и на секое населено место што не коренспондира со убавата приказна на Делчево. Спред неа треба граѓаните треба да покажат поголема активност и да ги искористат седниците на Советот кои се отворени и да даваат предлози заедно со институциите да приодонесат за решавање на овој горлив проблем кој ја нагрдува и влијае негативно на животната средина.
извор: www.delcevo365.mk