ДОМ: Во чие име Агенцијата за храна води кампања за масовен влез на ГМО?

ДОМ јавно ја прашува Агенцијата за храна и ветеринарство, во чие име започна да води отворена кампања за масовен влез на ГМО? Благо кажано, необично звучат изјавите на првиот човек на оваа институција, со силни заложби ЗА ГМО, кога токму од него се очекува да биде на браникот за гарантирано здрава и безбедна храна, за автохтони сорти и органско производство!

Каква е таа затворена дебата за ГМО, ексклузивно само за претставници од бизнис-секторот? Работите со ГМО се премногу сериозни, за паушални изјави. Сите сме потрошувачи кога се работи за храна и сите ИМАМЕ ПРАВО на точна информација и избор! Затоа се потребни јавни расправи отворени за сите заинтересирани.

Треба да се знае дека ГМО е една од најконтроверзните теми на денешницата. Се водат жестоки битки на милиони ЗА и ПРОТИВ! Сите зелени активисти во светот се активно ПРОТИВ, вклучително и ние од ДОМ. Како зелена партија водевме отворена и успешна кампања ПРОТИВ во изминатите години и нашиот став е непроменет.

Постојат обемни директиви на ЕУ за постапување со ГМО, што веројатно не е случајно. ГМО по дефиниција доведуваат до големи монокултури и индустриско земјоделство и сточарство. Тие се во основата на многу проблеми во системот на храна и земјоделство: загадување од пестициди, намалување на бројот на фарми и земјоделци, ниски цени на земјоделските производи, страдање на животните, глобално затоплување, исцрпување на ресурсите во почвата, колапс на екосистемите (со значително намалување на бројот на инсекти и птици).

Значи, ако некој планира измени поврзани со ГМО, очекуваме јавно да ги каже своите аргументи и да отвори јавна дебата во која ќе се вклучиме сите! И да не се крие зад флоскулата за „европско законодавство“, зашто денес сите информации се достапни и може да се проверат и вкрстат!