Лилјана Поповска на суд со Николајчо Николов за јавно соопштение за отворање нов рудник за бакар Боров Дол

Денес во 12.30 часот е закажано рочиште за судење на зелената партија ДОМ и Лилјана Поповска, како овластено лице, на барање на тужителот „Боров Дол“, застапуван од Николајчо Николов, заменик генерален директор на „Бучим“ и претседател на Македонската асоцијација за рударство. Судењето треба да се одржи во Основниот суд 2 кај судијата Нухи Рустеми.

ДОМ е тужен зашто тужителот, наводно, бил наклеветен и претрпел штета на угледот со јавното соопштение за отворање нов рудник за бакар Боров Дол. Со оглед на вистинитоста на исказот, не е јасно каде е оштетен тужителот, освен ако не планирал тајно да го отвори рудникот?? Се разбира, иронизираме, зашто тужбата е апсурдна.

Ние, како зелена партија и членка на семејството на Европските Зелени, имаме обврска да ја информираме јавноста за стопанските активности кои ја загрозуваат или можат да ја загрозат животната средина. Ова е, впрочем и обврска на државата, која ја прифатила Архуската конвенција, според која јавноста МОРА да биде точно и вистинито информирана за се што е поврзано со животната средина.

И ако некој бизнис моќник мисли да прави цензура над информациите од животната средина, или да ги заплашува екологистите од Македонија, независно дали се од партија или независни, треба да знае дека започнал јалова битка. Еднаш разбудената еколошка свест станува само поголема и посилна од било какви закани и казни!!