Европските Зелени и Бутикофер: Референдумот од клучна важност за иднината на Македонија

Претседателот на Европските Зелени, германскиот европратеник Рајнхард Бутикофер, беше во посета на Република Македонија, на покана на сестринската партија ДОМ. Притоа оствари средби со претседателот на Владата, Зоран Заев, како и со претседателот на Собранието, Талат Џафери. На средбите присуствуваа и пратеничките од ДОМ, Лилјана Поповска и Маја Морачанин.

На средбите беше искажано заемното задоволство од напредокот на Република Македонија во евро-атлантските интеграции и постигнувањето договори со Бугарија и Грција. Бутикофер истакна дека претстојниот референдум е од клучна важност за иднината на Македонија, регионот и ЕУ. Тој изрази надеж дека граѓаните ќе ја искористат можноста да гласаат за иднината на земјата. Бутикофер ги информираше соговорниците и за рестартирањето на пратеничката група за пријателство со Македонија во Европскиот парламент, каде што самиот е еден од иницијаторите и потпретседател. Тој искажа и спремност да се ангажира и да помогне за отворање на вратите на ЕУ за напредокот на Македонија и во овој момент, иако преговорите не се започнати.

На двете средби, европратеникот Бутикофер изрази задоволство што Владата и Собранието ги поддржале Законот за урбано зеленило, Законот за енергетика со силен акцент на обновливите енергии, како и Истамбулската конвенција за борба со семејното насилство. Истовремено, се интересираше до каде е гласањето на Законот за минерални суровини, со забрана на цијаниди и сулфурна киселина во рудници со отворен коп.

Во рамките на посетата на првиот човек на Европските Зелени, ДОМ организираше трибина на тема: „Придобивки од членството на Македонија во ЕУ“, во Холидеј Ин. Модераторка беше Лилјана Поповска, пратеничка и претседателка на ДОМ. Воведничари беа: Рајнхард Бутикофер, европратеник, ко-претседател на Европската зелена партија; Маја Морачанин, пратеничка од ДОМ; Емил Крстевски, претседател на Комисијата за надворешна политика на ДОМ; и Бојан Петровски, претседател на МОДОМ и советник во Ѓорче Петров.

Во воведното обраќање, Поповска кажа дека влезот на Македонија во ЕУ е несомнено посакуван од огромното мнозинство наши граѓани и тоа не е случајно, зашто, независно од внатрешните проблеми и сите несовршености, ЕУ е сепак најпрогресивната организациона структура во светот, со највисоки стандарди за демократија, човекови права и еколошки стандарди. Таа го искажа и повеќегодишниот партиски став за поддршка на референдумот, како израз на непосредна демократија, кој не смее да се пропушти. „Тоа е шанса секој да го искаже својот став. Доколку не го стори тоа, ќе биде непознат, невидлив. Само искажам став на референдум ќе се брои.“

Бутикофер изрази поддршка за работата на ДОМ и го поздрави деблокирањето на евроинтеграциите со постигнување на договорот. „Насетив нов пристап во Брисел и во престолнината на мојата земја, во Германија, во Берлин, ново чувство на отвореност и на одговорност во однос на неопходноста за конечно приклучување на Балканот кон ЕУ.“ Осврнувајќи се на придобивките од членството во ЕУ, тој истакна: „Младите луѓе заминуваат во други делови од Европа бидејќи немаат надеж за иднината на земјата и за нивната сопстевна иднина, а тоа може да се спречи. Ако Македонија стане членка на ЕУ вие можете да бидете успешни во Скопје, исто како и во Берлин или Париз, бидејќи не сте изолирани, туку сте дел од семејството. Тоа е можеби најдобрата работа која може да произлезе од овој процес, кој исто така, покажува дека не мора да одлучувате да бидете Македонец и да одите во Европа. Ќе можете да бидете горди Македонци ако успеете да станете составен дел од Европа.“ Укажа на искуствата од придобивките на Полска и Словачка од членството во ЕУ, како и на обостраните придобивки од пристапувањето на Македонија во Унијата.

Морачанин го објасни својот и ставот на раководството на партијата за поддршка на референдумот и гласање ЗА, затоа што тоа е услов за Македонија да ја обезбеди својата стабилност и просперитет, преку Влез во НАТО и ЕУ. Таа се осврна на придобивките со кои Македонија би се здобила со членството во ЕУ, но и во текот на евроинтеграцискиот процес, во полето на економијата, заштитата на животната средина, социјалната правда, образованието, науката, земјоделието, владеење на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал и почитувањето на човековите права и слободи. Како што кажа, неодржливо е натамошното тонење во место, додека граѓаните живеат недостоинствено и далеку под европските стандарди, а се поголем дел од младите и прогресивни луѓе се иселуваат од земјава.

Крстески направи ретроспектива на процесот на евроинтеграција на земјава, од осамостојувањето до денес, со блокадите за напредок во евро-атлантските структури од страна на Грција и нејзиното неприфаќање на нашето уставно име. Говореше за дипломатските напори за меѓународно признавање на Република Македонија, се до Договорот со Грција како компромисен предлог и јасен услов од страна на ЕУ и НАТО за отворање на вратите.

Петровски, како глас на младите, го искажа својот изричен став: „Иднината сега!“ Го сподели искуството на своите пријатели и другари, кои се веќе иселени, или размислуваат да го сторат тоа наскоро. Побара услови за нормално живеење и слободно движење како неговите европски пријатели од генерацијата.

Трибината продолжи со прашања и дискусија.