Конференција на ДОМ во Штип: Општини без отпад

Зелената партија ДОМ, во соработка со Зелениот Институт и Биро де Хелинг од Холандија, денес во Штип организираше конференција насловена „Општини без отпад“. На конференцијата учествуваа претставници од локалната самоуправа, Министерството за животна средина и просторно планирање, граѓански организации, советници од ДОМ и еколошки активисти.

Конференцијата ја отворија градоначалникот на Штип, Благој Бочварски и Претседателката на ДОМ – пратеничката Лилјана Поповска. Градоначалникот информираше за напредокот на решавањето на проблемите со цврстиот отпад во Источниот плански регион и ја повтори посветеноста на општина Штип во овој процес. Лилјана Поповска потенцираше дека е неопходно искористување на отпадот како ресурс и креирање на нови зелени работни места.

Во натамошниот тек на Конференцијата презентации имаа повеќе дискутанти: д-р Христина Оџаклиевска ги претстави локалните надлежности за управувањето на отпадот; Ана Петровска – Државен секретар при Министерството за животна средина и просторно планирање, се осврна на значењето на соодветното организирање на собирањето на отпадот од домаќинствата; професор д-р. Билјана Анѓушева ги претстави можните начини на повторно користење и преработка на градежниот шут; Слаѓана Стаменкова даде препораки за организирање на примарната селекција на отпадот од домаќинствата; Ана Мазнева – раководител на секторот за управување со отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање го претстави проектот за интегрирано регионално управување со отпад во Источниот и Североисточниот плански регион и потребните финансиски средства за негова реализација, кои се веќе обезбедени од фондовите на Европската Унија.

Од ДОМ и Зелениот Институт потенцираат дека ќе продолжат да го поддржуваат процесот на изградба на регионалната инфраструктура за интегрирано управување со отпадот, зајакнување на капацитетите на регионалните оператори и постапно затворање на нестандардните општински и други нелегални депонии.