ДОМ бара мораториум за нови ДУП-и во Карпош, планирани за последните денови пред локалните избори. Ги повикуваме граѓаните од општината да го искажат својот протест против овие вандалски намери, преку анкетни листови.
Ние сме против бетонирање на зеленилото во Карпош, кое се спрема со измени и дополнување на блок 8 од Деталниот урбанистички план за градска четврт З 05. ДОМ ја повикува Општина Карпош, како предлагач на спорните измени, да ги повлече и да го укине веќе спорниот ДУП. Само така има шанса да го поправи за нијанса впечатокот за општинска управа која најдрастично досега го дехуманизирала просторот и животната средина.
Вметнувањето на големи маркици за објекти со катност до 30м со намена Б2 – големи трговски единици, во зона на доминантно резиденцијален блок, драматично ќе го влоши квалитетот на живот. Очигледен факт е дека во овој дел од општина Карпош е значително намалена природната циркулација на воздух, температурата на воздухот е повисока од другите населби, а Карпош отруен од арсен и бензопирен! (според годишниот извештај од Минситерството за животна средина за 2016 година). Постои огромен проблем со обезбедување паркинг простор, улицата Никола Русински е преоптоварена и непроодна, нема слободни тротоари, намалена е безбедноста.
Затоа ДОМ го споделува ставот на граѓаните кои се против претворање на Карпош во градилиште на деловни висококатници, во подрачје наменето за домување. Надвор од логика е да се прави ова насилно менување на микро-климата и населување нови 3-5.000 жители со илјадници нови возила, во веќе преполнетата и загушена општина.