ДОМ: Штетните концесии за рудници може да се раскинат

ДОМ ги охрабрува граѓаните да ја продолжат борбата со референдуми во Валандово, Босилово, Ново Село и во сите други општини каде што се започнати или планирани рудници, опасни за нивното здравје и животната средина.

Вољата на граѓаните мора да биде испочитувана, заедно со нивното ПРАВО НА ЗДРАВ ЖИВОТ! На тоа не обврзуваат нашиот Устав и закони, но и Архуската конвенција за правото на граѓаните да бидат информирани и да одлучуваат за се што е поврзано со животната средина. Ова е обврзувачки меѓународен документ, чиј потписник е и Република Македонија.

Штетните концесии за рудниците може да се раскинат, врз основа на неисполнување на делови од договорот од страна на концесионерите. Основи за раскинување има и во редица други документи, поднесени до различни министерства, а кои содржат неточни или нецелосни податоци. Во било кој од овие случаи, таквите „странски концесионери“ треба уште и оштета да и платат на нашата држава.

Загадувањето од рудниците е специфична и стручна тема за која не се, ниту се очекува да бидат стручни избраните советници, градоначалници или министри. Но во земјава има стручни лица и ДОМ ќе отвори серија стручни дебати на оваа тема, за која побаравме помош и од нашите сестрински партии од Европските Зелени.

Не смее да се дозволи трајно труење и уништување на животната средина во половина Македонија, имајќи предвид дека површината предвидена за овие опасни „рудници на смртта“ изнесува околу 10.000 км2 од вкупно 25.000 км2 на нашата земја!