ДОМ: СТОП за отворање нов рудник на смртта, Боров Дол, помеѓу Штип, Радовиш и Конче

ДОМ ја информира јавноста дека се спрема отворање нов рудник на смртта, Боров Дол, помеѓу Штип, Радовиш и Конче. Тоа треба да биде уште еден површински коп за бакарна руда, која би се лужела со сулфурна киселина директно во отворен базен на планината.

Во моментов е во тек процедура за донесување државна урбанистичко-планска документација, т.н. ДУПД, за изградба на руднички комплекс. Се спрема изработка на нов урбанистички план надвор од населено место за 473 хектари, со кој индиректно ќе се смени просторниот план од 2004 година и ќе се внесе тешка и загадувачка индустрија во регион наменет за производство на храна и други лесни индустрии. Оттаму, инвеститорот ќе бара одобрување на овој нов урбанистички план од страна на општините Штип, Радовиш и Конче, потоа одобрување од Министерството за транспорт и врски, па пренамена на земјиштето во Министерството за земјоделие.

На овој начин се прави правен преседан и силна повреда на законот. Имено, со одлуки на владини институции и локални самоуправи се погазува просторниот план, кој се носи во Собранието и има тежина на општ закон!

Според она што го видовме кај двата површински рудника Казандол и Иловица, за кои се на нозе веќе седум општини, ова веројатно ќе се „поткрепи“ со лажна студија за оценка на влијанието врз животната средина. Велиме лажна, зашто, по увидот на претходните две, во неа се очекува во заклучокот да стои дека рудникот нема да има штетно влијание, иако целата студија ќе содржи докази за спротивен заклучок.

Поради сево ова, ДОМ ги повикува сите надлежни државни институции, локалните самоуправи на Штип, Радовиш и Конче, како и министерствата за транспорт и врски, земјоделие, екологија и економија, да кажат СТОП за отворање нов рудник на смртта, Боров Дол, помеѓу Штип, Радовиш и Конче!

Ние ќе упатиме и писмени известувања до сите овие адреси, а ќе побараме и средби за алармирање за проблемот со овој, но и со сите десетици најавени рудници на територијата на половина Македонија, односно, на 10.000 м2 од вкупните 25.000 м2 на нашата земја! Има решенија, базирани на правни и еколошки аргументи, а пред се на уставно загарантираното право на секој граѓанин на здрава животна средина!