Делегација од ДОМ со претседателката Лилјана Поповска учествуваше на јавната расправа за ГУП на Охрид, на кој главна измена беше враќањето на Студенчишко Блато во строго заштитена зона според стариот ГУП од 2006 г. Ова е постигнато благодарение на упорната борба на екологистите од Охрид и од Македонија. Но ова треба будно да се следи како што забележаа сите присутни екологисти, за да не се претвори повторно во градежна зона по преоценката на студијата која што ќе следи.
Поповска се интересираше за густината на населението во новиот ГУП и за процентот на зеленило, укажувајќи дека според европските стандарди треба да има 25м2 зеленило по жител на ниво на град и 10 до 30 % на ниво на градежна парцела. Наместо одговор на овие прашања беше цитиран Законот за просторно и урбано планирање што Поповска не го прифати затоа што тој е проблематичен токму поради отсуство на прецизна дефениција за зеленило.
Дискусијата се прошири и за други еколошки проблеми поврзани со градот и езерото.Поповска упати јавен апел до општинските претставници да вложат во обнова на колекторот за Охридското Езеро наведувајќи дека не треба да се чекаат странски експерти и помош со оглед на тоа што заштитата на Охридското езеро треба да биде преоритет над сите други и е лесно изводливо затоа што се работи за едноставна технологија од цевки, пумпи и пречистителни станици.