ДОМ им честита на Гевгеличани за високата еколошка свест со која ја отфрлија идејата за отворање рудници за злато на Кожуф. Тие не се согласија да се уништува земјоделието и туризмот во нивниот крај, се до Валандово и Дојран и кажаа НЕ за лужење на руда со цијаниден раствор.
Резултатот од референдумот е морална обврска за ред други институции на локално и национално ниво, кои треба да направат ревизија на досегашните планови за развој на рударство во овој питом и плоден крај. Зашто рударството не оди заедно со производство на здрава храна и со туризам.
Ова е сериозна обврска за државата во целост да направи ревизија на долгорочните стратегии за економски развој, во кои треба да се отстранат загадувачките индустрии или да се прилагодат еколошки кон стандардите за здраво живеење. Треба да се подложат на ревизија студиите за оценка на влијание врз животната средина за отворање рудник за бакар Казандол, валандовско, како и рудник за злато Иловица, струмичко.
Истовремено, државата мора максимално да се посвети и да вложи во зелена економија и чисти технологии, кои ќе отворат илјадници нови зелени работни места. Органско производство, туризам, онбовливи енергии, енергетска ефикасност, третман на отпадот, обезбедување чист воздух, води и почви, како и паметни технологии, тоа е здравата иднина на Македонија!