ДОМ во Пробиштип, Кочани и Штип со локални еколошки иницијативи и пораки за излез од кризата

Делегација од ДОМ со претседателката Лилјана Поповска и пратеничката Маја Морачанин ја продолжи обиколката низ Македонија со посети во Пробиштип, Кочани и Штип, за да поддржи локални еколошки иницијативи на своите општински организации. Овие иницијативи ќе бидат дел од програмата за локални избори, произлезени од реалните проблеми, а нудат еколошки решенија и зелена економија со зелени работни места.

Во Пробиштип ДОМ укажува на опасноста од отворање на уште еден рудник за злато во Плавица, на планината над градот, со што цијанидните раствори од лужењето на рудата би се слевале директно во подземните води. Пробиштип сеуште не го има решено старото јаловиште со тешки метали од рудникот Злетово, а неизвесно е како ќе се заштитат граѓаните од новата челичарница што се гради. Бараат мерна станица со сите параметри за загадување.

Кочани нема вакви еколошки проблеми, но има потреба од нови вработувања. За таа цел, ДОМ-   Кочани предлага искористување на геотермалните води и изградба на систем за парно греење на јавните и приватните објекти, со што ќе се обезбедат голем број зелени работни места, но истовремено ќе се намали загадувањето од горењето на дрва и фосилни горива за загревање и за топла вода.

Активистите на ДОМ во Штип покренуваат иницијатива за целосно исфрлање на канцерогениот азбест кој порано се користел масовно за изработка на водоводни цевки и салонитни плочи за градба, а сеуште го има во многу објекти во градот. Оваа акција не е само еколошка, туку исто така и дел од зелената економија што се предлага. Истовремено го актуелизираат и целосното искористување на геотермалните води за повеќе намени.

Општинските организации се интересираа и за актуелната политичка ситуација. ДОМ има јасни позиции и отворено ги кажува: изборните резултати беа признаени од сите учесници, постои парламентарно мнозинство и треба да се направи мирен трансфер на власта, според предложената владина програма за унитарна и граѓанска Македонија.