ДОМ: Стратегија за климатски промени, без политичка воља, не е доволна

ДОМ ја поздравува денеска промовираната Стратегија за климатски промени и апликацијата за зелен катастар на град Скопје, како резултат на работата на стручни лица од Градот и државата, со поддршка на УНДП. Со неа се утврдени секторите кои емитуваат стакленички гасови и предвидени редица мерки, со проекција за нивно намалување за 22-32% во следните три години. Со зелениот катастар на Скопје, пак, во текот на 2017 треба да се направи попис на јавното зеленило и она во приватните дворови.

Добро е што е направена стратешка и информатичка рамка за овие активности. Но, Стратегија за климатски промени, без политичка воља, не е доволна. За да се намали емисијата на стакленички гасови, треба да се промени урбаното планирање и градење објекти, снабдувањето со енергија и транспортот. За овие цели треба да се сменат редица закони и да се намени соодветен буџет за нивно спроведување. А за сето тоа е неопходна политичка воља и еколошка свест, кои се најдефицитарни категории.

Ги немаше во 2009 година, кога ДОМ првпат излезе со барање за изработка на зелен катастар, со предлог-закони за градски архитект, или во следните години со предлог-закон за урбано зеленило. Законот за урбано зеленило го изработи тим од нашата Комисија за екологија и стручни лица од Градот Скопје, ЈП „Паркови и зеленило“ и Агенцијата за просторно планирање. Помина две јавни расправи на ЗЕЛС и усогласувања со Министерството за транспорт и врски. Но сепак, немаше искрена политичка воља да се усвои, па три пати беше одбиен во Парламентот. Како бедна сатисфакција, беше усвоен „шега од закон“ со слично име, но без содржина и без значење.

ДОМ и за следната Влада, која треба што поскоро да се избере, ќе инсистира да се донесе пакет закони за урбанизам: Закон за урбано зеленило (со 25 м2 на жител во градовите и 10-30% на парцела), нови закони за урбано планирање и за градење, како и закони за градски архитект. Понатаму, да се внесе зелената економија без фосилни горива, а со сончева и други видови обновлива енергија; со енергетска ефикасност во сите процеси; со современ третман на отпадот базиран на миниум продукција и максимум реупотреба (принципот „нула-отпад“); со одржлив туризам и одржливо производство на храна. Конечно, да имаме здрава животна средина преку цел систем од мерки за заштита на воздухот, водите и почвите, со ремедијација на последниве, за што бараме носење на закон за почви.

Сево ова значи дека во Македонија мора да се забранат сите опасни и штетни бизниси и практики, кои загадуваат на разни начини и продуцираат стакленички гасови, а со тоа и придонесуваат за климатските промени. Истовремено, државата мора да вложи буџетски средства, за да обезбеди здрава животна средина и квалитетен живот на граѓаните.