ДОМ дава целосна поддршка на граѓанската иницијатива против загадувањето во Битола „За нас се работи“. ДОМ нема дилема дека се работи за праведна борба за чист воздух и здравје, што е уставно загарантирано право. Како што на времето бевме први што застанавме зад борбата на Зелената коалиција во Велес против рестарт на топилницата и први јавно се спротиставивме на отворање железарница во Неготино среде лозја. Веруваме дека овие праведни барања на Битолчани повторно ќе не обединат сите, независно од политичка боја.
Како и за сите поголеми градови во земјава, мора да се преземат итни мерки за да се намали бројот на опасните ПМ10 честички во воздухот: привремено намалување на обемот на работа на РЕК Битола, експресна набавка на филтри и друга опрема за неутрализирање на опасните испусти, сериозна контрола на малите и средни индустриски загадувачи од страна на локалните инспектори за животна средина, затворање на центарот на градот за возила што загадуваат и воведување режим пар-непар и групен превоз, како и субвенции за поеколошки горива во приватните домови.
Паралелно со итните мерки за гаснење на пожарот од зимското загадување, Македонија мора да го смени концептот на стопанисување и да премине кон зелена економија, која не загадува, а отвора илјадници работни места. Тоа значи напуштање на јагленот и другите фосилни горива и масовен премин кон обновливи енергии, пред се кон сонцето. Истовремено, мора да се зголеми енергетската ефикасност на сите објекти и процеси, за да ја намалиме вкупната потреба од енергија. На ваков начин, Македонија од увозник на скапа енергија и на загадувачки фосилни горива, може да се претвори во еколошки чиста и здрава зона за живеење, а да биде и извозник на енергија.
Со почит сектор за односи со јавноста