ДОМ: Градовите се гушат, а институциите во изборна кампања!

ДОМ протестира што градовите се гушат од загадување на воздухот, а надлежните лица од институциите се растрчани во изборна кампања! Нема кој да донесе одлука и да даде налог за итни мерки, ниту доволно службеници кои тоа ќе го спроведат. Партизираните институции се неспособни да си ги извршуваат своите обврски и не е доволен напорот на професионални службеници кои се вложуваат целосно за да го надокнадат отсуството на претпоставените и своите отсутни колеги.

А итните мерки во моментов се познати:

  • удвоена контрола на инспекторите за животна средина за средните и малите индустриски загадувачи (освен во Битола, Кичево и Тетово, каде треба да се решат и големите загадувачи);
  • стимулирање на јавниот превоз со повеќе еколошки автобуси и напуштање на комплицираниот начин на купување возни билети;
  • забрана за возила под 4 ЕУ стандард во градскиот сообраќај;
  • рестрикција пар-непар за другите возила и забрана за влез на тешки возила во градот;
  • во најфреквентните градски зони санкционирање на возила со само еден патник и стимулирање групно возење, освен за службени возила;
  • зелена зона за пешаци и велосипедисти во центарот;
  • стопирање на градежните активности и сечата на зеленило за бизнис интереси;
  • масовно миење на улиците со техничка вода или со средства што ги таложат честичките;
  • итна набавка на прочистувачи на воздухот кои се применуваат во многу светски градови;
  • масовни субвенции за печки и квалитетни горива за домаќинствата.

ДОМ е огорчен зашто безброј пати алармира за итни мерки против загадување, посочувајќи конкретни решенија. Најголем дел од предлозите досега влегоа во стратешките државни и локални планови, но никако да се реализираат целосно и ефикасно. Зошто? Затоа што за претворање од хартија во акција се потребни конкретни финансиски средства, а нив никако да ги наменат за еколошки потреби и за здравјето на граѓаните! Нема критична бројка политичари со доволно висока еколошка свест, за да ги сменат приоритетите, па средствата од некои непродуктивни проекти да ги пренаменат за СПРЕЧУВАЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТО и во БОРБА со него.