ДОМ на конференцијата “Зелена мобилност за здрави градови” во Рим

Делегацијата на ДОМ во состав Маја Морачанин и Емил Крстески учествуваа на конференцијата „Зелена мобилност за здрави градови“, организирана од Европските Зелени на 22 и 23 октомври во Рим.

Целта на конференцијата е споделување на најдобрите европски искуства во намалувањето на аерозагадувањето и подобрување на мобилноста во градовите. Зелени, пријатни и чисти градови мора да станат и вистински политички приоритет. Со подобар јавен транспорт може да се намали сообраќајниот метеж, аерозагадувањето и загадувањето од бучава.

Последниве децении станува се поважно како да се “зазеленат“ градовите, зошто преку 50% од популацијата живее во градови. За таа цел се смени пристапот во просторното планирање и урбанизмот, па така слободниот простор, зеленилото, рекреација, пешачките и велосипедските патеки станаа императив во проектирањето и градењето. Секоја година се води силен натпревар помеѓу европските градови за престижната титула “зелен град“, зашто тоа му дава голема вредност на градот во секоја смисла и во поглед на квалитетот на животот и жителите и во поглед на развојот на туризмот.