Поповска: ДУП-от во Тафталиџе мора да се смени

Лилјана Поповска од ДОМ изрази незадоволство од одговорот на нејзиното пратеничко прашање до Министерството за транспорт и врски за дозволата издадена за изградба на комплексот Настел Тафталиџе, со огромни димензии, иако се прекршени еколошките и урбанистичките стандарди, а не се испочитувани ни имотно-правните односи. Во одговорот Министерството се прогласило за ненадлежно по сите прашања, тврдејќи дека сите документи од другите институции биле во ред.


Поповска покажа документ доставен од сопствениците на земјиштето, во кој се гледа дека уште на 29 октомври 2014 година го известиле ова министерство дека не е завршен предметот за денационализација и да не се влегува во купопродажба на земјиште од 7.703 метри квадратни. Ова известување, како што се гледа од документите, е пратено и до инвеститорот, општината и комисијата за денационализација. Чудно е како министерството го пренебрегнало овој документ!
Што се однесува до еколошкиот аспект, огромниот објект ги гази стандардите за хумано живеење, ги засенува околните објекти, нема проветрување за цела населба и нема простор за нормален сообраќај. Урбанистичките стандарди за проектирање се сериозно прекршени и постои несовпаѓање со ГУП-от на град Скопје, посебно со членот 47, во кој се дефинираат основните параметри неопходни за да се запази јавниот интерес. Конкретно, надмината е висината на објектот, која се утврдува според густината на населеност на таа четврт, како и коефициентот на изграденост.
„Но и покрај се“, рече Поповска, „веруваме дека може да се успее во оваа битка за услови за похумано живеење и да се смени ДУП-от, онака како што успеавме да го смениме ДУП-от во Тафталиџе кај Млечен ресторан, кој не беше во склад со ГУП-от и ја преполовивме висината на планираната градба, а со тоа и густината на населеност.“