ДОМ: Не ни треба увоз на електрична енергија ако се свртиме кон сончеви панели и изолација на објектите

liljana popovska

Не ни треба увоз на електрична енергија, кој последниве години се движи од 30 до 40%, ако се свртиме кон сончеви панели и изолација на објектите. Ако се постават сончеви панели за топла вода на секој дом, ќе се заштеди околу 45% од енергијата на домаќинствата, која е, пак, околу половина од вкупната енергија на ниво на држава. Дополнителна заштеда се добива со изолација на домовите и јавните објекти, за да се зголеми енергетската ефикасност и да се намали потрошувачката на енергија. За овие активности треба државата и локалната самоуправа да развијат посебни стимулативни програми, за кои постои поддршка и во надворешни фондови.

Дополнително, треба да се донесе законска регулатива за секое домаќинство да може да биде и производител на електрична енергија со фотоволтаици. Така, секој користи онолку колку што му треба, вишокот оди за економски активности, ако ги има, а остатокот во мрежа. Ова го има Германија и други европски земји, а падна во вода и тезата дека сончевата енергија е скапа, зашто цените на поставување и одржување на сончевите системи драматично паднаа со модернизирање на технологијата.

Но, тоа е судбината на зелените политики, со години докажуваш нешто, дури некој да сфати дека се добри и од економски аспект, но и за поздрав живот,“ изјави Лилјана Поповска од ДОМ, на конференцијата „Иднината на енергетиката – каде Македонија и ЕУ се среќаваат“ што се одржа во организација на невладината организација „Аналитика“, со партнерите „Еко-свест“ и „Фронт 21/42“.