ДОМ чувствува обврска да ја информира јавноста за опасностите кои го демнат Струмичкиот регион од евентуалното стартирање на рудникот за злато Иловица. Не можеме да се согласиме со тврдењата на владејачката партија дека зад „проектот“ во рудникот Иловица „стојат сериозни инвеститори со долгогодишно искуство во многу земји во светот“. Ова го демантира самиот инвеститор, фирмата „Еуромакс“, на својата веб-страна, каде се претставува како „канадска фирма со најголем развоен проект во Македонија и сервисни компании во Бугарија“. Наведено е исто така дека поседува концесии на земјиште во Македонија, Бугарија и Србија. Од други извори може да се дознае дека фирмата е формирана пред неколку години и дека е избркана од Бугарија, кога се обидела да гради рудник за злато во село Попинци.
Инаку, треба да се знае дека ископот и преработката на злато со цијаниди се меѓу највалканите технологии и не се добредојдени во многу земји во светот. Затоа се бараат земји во развој, кои имаат пониски еколошки стандарди и прифаќаат и вакви технологии. Како илустрација ќе го наведеме примерот на една друга канадска фирма за вадење злато, која е избркана во 2013 година од Романија, зашто тамошните жители го имаа страшното искуство со најголемата европска еколошка катастрофа во Баја Маре, Романија, во 2000 година. Имено, тогаш поради излив на цијаниден раствор од отпадните води при преработката на рудата во процесот на добивање злато, се случи масовно труење на целиот жив свет во реките Дунав и Тиса, како и во нивната околина, наштетувајќи им на Романија, Унгарија и тогашна Југославија. Еколошките и економските штети беа со катастрофални размери и предизвикаа промена на законската регулатива во Европската Унија, со носење построги директиви за рудниците на злато, но и за квалитетот на водите воопшто, кои мора да се применуваат од 2008 година. Покрај забраната за високи концентрации во отпадните води на цијанидно-метални комплекси, инвеститорите мораат да дадат високи финансиски гаранции за санирање на штетите по завршувањето на експлоатацијата на рудникот. Оваа еколошка катастрофа исто така поттикнала примена на други технологии за добивање злато, кои не употребуваат опасни цијанидни раствори. Се разбира, тие се поскапи, но еколошки далеку побезбедни!
Затоа укажуваме дека Владата треба сериозно да го преиспита и портфолиото на инвеститорот, но и предложениот процес за вадење злато во Иловица. Во тек е јавната расправа за Студијата за оценка на влијанието врз животната средина, во која се вклучи и стручен тим од ДОМ. Ние упативме 19 сериозни забелешки и прашања, поврзани со самиот процес на ископување руда, преработка со цијаниден раствор, третман на отпадните води заситени со цијаниди, заштита на околното земјоделско земјиште, финансиски гаранции при евентуална еколошка катастрофа и многу други извонредно значајни работи.
Генерално, ДОМ смета дека Студијата не дава одговор на многу суштествени еколошки прашања и не дава гаранција дека се пристапува со потребната одговорност кон прашања кои се од животно значење за жителите на општина Босилово и целиот Струмички регион.
Со почит
Сектор за односи со јавноста на ДОМ