ДОМ: Одржлив развој за Галичица и Регионот, наместо масовен туризам

На денот на Охридското Езеро 21,06,2016  се одржа јавната дебата на тема „Како ќе се развива Галичица?“  во Хотел „Ривиера“во Охрид. Организатори  беа ДОМ и Зелениот институт, со поддршка од холандската фондација Bureau de Helling.

Јавната дебата  се осврна на плановите за развој на Галичица и влијанијата врз животната средина и луѓето. Граѓанскиот сектор и експертите од разни области  изразија загриженост поради амбициозниот план за масовен туризам во националниот парк „Галичица“, со што ќе се наруши режимот на заштита што го има сега, со можност за губење на статусот на заштитено подрачје од UNESCO. На дебатата  беа претставени можните решенија и одржливи начини на развој на регионот, со акцент на активен туризам (велосипедски и планинарски тури, летови со падобрани и параглајдери).

 Беа поканети претставници на институции на национално и локално ниво кои имаат надлежности во оваа сфера, како и претставници од граѓанскиот сектор, експерти и медиуми.

 Дебатата ја отвори и јас модерираше проф. др Бети Дејанова.  По поздравното обраќање од Лилјана Поповска претседателка на ДОМ свои излагања имаа: Професор др. Трајче Талевски од Хидробиолошкиот завод  во Охрид,  Драгана Велковска од Охрид СОС, Александар Јованоски-, ЕДЕН, Туристички кластер на Југозападна  Македонија , Ана Чоловиќ-Лешоскаод  Еко-свест и Илина Арсова  и Климент Арнаудов од  Охрид СОС

Ана Чолович Лесоска од Еко свест го претстави  „СМАРТ ОХРИД“ , концепт за еколошки транспорт од Охрид до Галичица. Кој се одвива преку соларни и електрични автобуси и други возила, соларни бродови и велосипеди. Целта на овој проект е да се избегне изградба на експресен пат кој со закон е забранет за градба во заштитено подрачје и да се обезбеди одржлив развој на Галичица и Oхридското крајбрежје.

На дебатата беа донесени следниве заклучоци:

  1. Да се спречи уништувањето на природата и да се заштитат охридското крајбрежје и Националниот парк Галичица, со посебна заштита на Студенчишко Блато и другите подрачја со високи природни вредности.
  2. Да се прогласи мораториум за планираните „развојни“ и инфраструктурни проекти во регионот и да се обезбеди механизам за спречување злоупотреба на постојните закони за бизнис-интереси на поединци.
  3. Да се ревидира менаџмент-планот за Националниот парк Галичица во насока на обезбедување одржлив развој, заштита на животната средина и задржување на двојниот УНЕСКО статус на регионот како природно и културно наследство.
  4. Да се сопре незаконското симнување на заштитата на зоните во Националниот парк Галичица.
  5. Да се најде начин да се изработи физибилити студија за Smart Ohrid (концепт на еколошки транспорт на потегот Охрид-Св. Наум предложен од НВО „Еко-Свест’) како предуслов за негово спроведување. Со Smart Ohrid се предвидува употреба на соларни и електрични автобуси и други возила, соларни бродови и велосипеди.
  6. Да се поддржи реализацијата и мултиплицирањето на Smart Ohrid долж целото крајбрежје.
  7. Да се почитува договорот со УНЕСКО за максимум 40% урбанизирано крајбрежје.
  8. Урбанизирањето на крајбрежјето да се изведува во согласност со концептот за одржлив развој и УНЕСКО препораките, посебно водејќи сметка за обемот, висината на градбите, како и стилот и видот на употребен материјал.
  9. Да се обезбеди реконструкција и надградување на колекторскиот систем според физибилити студијата на Џајка од 2014 г.
  10. Да се подигне еко-свеста кај граѓаните и одржувањето на чистотата на охридското крајбрежје со институционална поддршка од локалната самоуправа.
  11. Да се поддржи активниот туризам на крајбрежјето и во Националниот парк Галичица.
  12. Да се стимулираат еко-туризмот и брендирањето на еко-хотели во регионот.
  13. Да се продолжи туристичката сезона со интегрирана понуда за зачувување на културното и природното богатство на регионот.
  14. Да се поднесе иницијатива за Надзорна расправа за имплементација на Законот за управување со охридскиот регион во Собранието на РМ.

Заинтересираните можат да ја погледнат целата дебата на Twitter #ДенНаОхридско.

Со почит

Сектор за односи со јавноста на ДОМ