ДОМ на Светскиот ден на животната средина: Трајна заштита на Водно од градежната офанзива!

На Светскиот ден на животната средина, 5 јуни, ДОМ енергично бара трајна заштита на Водно од градежната офанзива, за да се зачува парк-шумата, која е скапоцена за микроклимата во Скопје.

ДОМ огорчено констатира дека се уште нема одговор од надлежните, на реакциите за дивеењето над Детската клиника Козле, каде незаконски се сече шума за пробивање пат за изградба на објекти. Ни по увидот на инспекциските служби на Град Скопје, јавноста не дозна: колкава штета е направена и од кого; постои ли формална дозвола, кој ја издал и според кој закон; какви објекти се предвидени; која институција стои зад ова варварство: општината, градот или владата?

Јавноста мора да ги знае овие информации, бидејќи станува збор за простор од јавен интерес, со биолошки вредности. Зеленот појас на Водно го чисти воздухот, ја смалува температурата, штити од ерозија, го регулира водниот режим, силно влијае врз биодиверзитетот и квалитетот на живот на граѓаните на Скопје.

Но зеленилото на Водно е сериозно загрозено со непрекината градежна офанзива. Се газат закони и урбанистички планови, се градат патишта, никнуваат диви населби, се легализираат, се поместува границата на парк-шумата. Во целата деградација на просторот и животната средина, водилка е профитот и личните интереси, на штета на Скопје и на Скопјани –изјави Маја Морачанин, портпаролка на ДОМ.

На сето тоа мора веќе да му се стави крај! – рече портпаролот Тони Ристов, притоа предложи пакет од долгорочни мерки со кои ќе се спречи дивата сеча и градба на Водно:

1) прогласување на парк-шумата Водно за заштитено подрачје со јасно дефинирани граници, по примерот на парк-шумата Гази-Баба (прогласена за парк на природата во надлежност на Градот Скопје на почетокот на 2015 година);

2) носење на вистински Закон за зеленило за урбаните средини и нивната околина, со кој ќе се заштити постоечкото зеленило, без можност било која власт да го урбанизира и претвора во градежно земјиште (потсетуваме дека ДОМ подготви таков закон, по примерот на Германија и Австрија, но тој беше 3 пати одбиен во Собранието!);

3) обезбедување ефикасна институционална заштита и одржливо менаџирање со Водно од страна на Градот Скопје, со обезбеден нормален буџет за таа намена;

4) доследно почитување на законите за заштита на животната средина од страна на граѓаните и институциите, со санкционирање на сите прекршители, без исклучок.

Сектор за односи со јавност на ДОМ