Младинската организација на ДОМ (МОДОМ) е домаќин на Генералното собрание, највисокото одлучувачко тело на Мрежата за соработка и развој на Источна Европа (ЦДНЕЕ) на кое ќе присуствуваат делегати од сите организации- членки и се одржува од 25-ти до 28 февруари 2016 година, во Скопје, Македонија.
МОДОМ го искористи престојот на Зелените од Источна Европа да ги запознае со состојбата и потребите на младите во Република Македонија непосредно пред одржувањето на парламентарни избори. Имено МОДОМ организираше панел дискусија на тема “Очекувањата на младите од претстојните избори во Македонија”. На дебатата говореа: Бојан Петровски, член на Претседателството на МОДОМ, Aнтонела Рамљак, претставник на Мрежата за соработка и развој на Источна Европа од БиХ, Иван Јованов, претставник од Националниот младински совет на Македонија, Марија Андреева, претставничка на Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид и Марко Христов, претставник на Студентски пленум. По ова беше отворена дискусија во која се вклучија претставници од организациите членки на ЦДН, како и претставници на политичките подмладоци и невладините организации.
Имајќи предвид дека Република Македонија нема закон за млади, како и висината на буџетските средства кои се издвојуваат за младите, состојбите во образованието, резултати од мерките за вработување, проблемот со иселувањето и одливот на мозоци, увидувајќи ја потребата за натамошно интензивирано и посветено унапредување на состојбата на младите, беа донесени следниве заклучоци:
1. Препорачуваме Собранието на Република Македонија, надлежните институции и организации да го следат спроведувањето на Стратегијата за млади 2016-2025, како и стандардите и принципите на меѓународните конвенции и документи кои Република Македонија ги потпишала или ратификувала, а се однесуваат на млади.
2. Укажуваме на потребата за зголемена застапеност на младите политичари во одлучувачките тела на партиите, како и на избирачките листи на изборите во Република Македонија на парламентарно и локално ниво
3. Укажуваме на потребата државата, да преземе мерки со кои ќе им се овозможи достоинствен студентски живот и квалитетно образование во земјата и соодветно да се вреднуваат постигнувањата за да се намали иселувањето на стручен и образован кадар од земјава.
4. Препорачуваме да се зголеми капацитетот на администрацијата во Агенцијата за млади и спорт и буџетот со кој истата располага, а државните службеници да се водат исклучиво од интересот на младите.
5. Се залагаме за изменување и дополнување на севкупната законската регулатива во Република Македонија што се однесува на сите нивоа на образование.
6. Сметаме дека е неопходно економско јакнење на младите, преку обезбедување повеќе средства за разни програми, со кои ќе се унапреди состојбата посебно на младите претприемачи, руралните млади, млади со социјален ризик, како и млади со посебни потреби.
7. Бараме да се унапреди положбата на руралните млади, преку поттикнување локални иницијативи и започнување сопствени економски активности, со истовремено подобрување на условите за живот и задоволување на социјалните, образовните и здравствените потреби.
8. Ја нагласуваме потребата Државниот завод за статистика да ја унапреди статистиката за млади и да обезбеди нејзина целосна достапност на јавноста, со посебен осврт на статистичките податоци, како што се иселувањето, здравството, образованието, работните и економските услови, насилството, моќта и одлучувањето.
9. Ја поттикнуваме соработката помеѓу институциите и локалните младински совети, но и со невладиниот сектор во целост.
10. Со содржината на овие заклучоци да се запознаат Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Агенцијата за млади и спорт, Министерството за труд и социјална политика и Државниот завод за статистика.