ДОМ: Какво решение за бегалската криза?

ДОМ бара искрен одговор од македонското МНР за тоа какво решение договорило за бегалската криза. Јавноста треба да знае дали и каков договор е направен зад грбот на македонските граѓани, во чиј интерес и на чија штета?

Каква е таа помош што и се нуди на Македонија, „во опрема и војска“, како што рече австрискиот министер Курц? Дали некој има намера земјата да ја претвори во логор? Па тие кутри луѓе што препливале море и изоделе илјадници километри во рацете на бескрупулозни шверцери, за да се спасат од војна или од немаштија, не смеат да станат затвореници во мали балкански држави, обиколени со двојни редови бодликави жици!

Ако ЕУ не може да ги прими овие несреќници, треба тоа отворено да го каже, за да не се мамат и ризикуваат животи, сонувајќи ветена земја. Ниедна сиромашна балканска земја, од Грција, преку Македонија до Словенија, не е, ниту може да биде решение на нивниот проблем. Треба да се понудат сериозни и хумани планови, во склад со меѓународните конвенции за бегалци и раселени лица – изјави портпаролот Тони Ристов.

Притоа треба да се има на ум дека бегалската криза, како глобален проблем, бара глобално решение со посредство на ОН. Бегалскиот бран ќе се намали или запре САМО СО ПРЕСТАНОК НА ВОЕНИТЕ ДЕЈСТВА во Сирија и другите воени жаришта, проследено со масовна хуманитарна помош за обновување на разурнатите градови и долгорочен процес на помирување на различните страни.

Затоа ДОМ го поздравува првиот позитивен чекор, а тоа е прекинот на огнот во Сирија, договорен на Минхенската безбедносна конференција. Ова побуди надеж кај целата светска демократска јавност, дека траен мир во тој дел од светот е возможна опција.

По првиот чекор треба да следат уште многу други, на долг рок. Треба да се спроведе некој вид Маршалов план за сиромашните земји, за ПРЕРАСПРЕДЕЛБА НА БОГАТСТВОТО и намалување на огромните разлики. Зашто се додека тие постојат, ќе има и реки бегалци кон побогатите земји – рече портпаролката Маја Морачанин.