ДОМ изразува жалење што и во новиот состав Комисијата за заштита од диксирмнација остана недостапна за лицата со посебни потреби, иако физичката состојба е една од основите за дискриминација.
Останува нејасно кој бил мотивот што предлагачите повторно ги одбија апликациите на лицата со посебни потреби, инаку правни експерти и познати активисти од движењето за човекови права. Дали предлагачите се плашеле, дека лице со посебни потреби не би можело да се искачи до непристапната канцеларија на оваа комисија, или пак дека ќе имитира постапки за масовна дискриминација на овие лица поради огромен број непристапни јавни и приватни објекти. А можеби е мотивот сосем прозаичен, од дневно политичка природа? Кој и да е мотивот, погрешна е постапката. Им честитаме на избраните членови на Комисијата за заштита од дискриминација меѓу кои има и членови кои се соодветни за таа функција. Но останува да жалиме што ова тело ќе биде без Звонко Шаврески или Елена Кочовска од Полио Плус, организација што е иницијатор и логистичка поддршка на интер- партиската парламентарна група за лица со посебни потреби (ИППГ) од 2003 до сега. Жалиме што ќе биде и без Елена Грозданова, државна советничка во Секторот за еднакви можности, професионалец посветен на институционалната поддршка на еднаквите можности помеѓу жените и мажите и една од иницијаторките на Македонското женско лоби. Имаме причина да жалиме и за отсуството на досегашниот претседател на комисијата Душко Миновски кој успеа да ги постави темелите на нејзиното делување и да се соочи со предизвици и притисоци од разни страни, секогаш достапен за јавноста. Конечно, жалиме што собраниската Комисија за избори и менување добила само седум имиња за седум места, иако биле пријавени дури 47 лица, многумина со биографии на докажани борци за човекови права.
ДОМ како зелена партија останува посветен на борбата против дискриминацијата врз било која основа. Затоа и во оваа прилика потсетуваме дека Законот за заштита од дискриминација сеуште го чека дополнувањето на основите за дискриминација со „сексуална ориентаиција и родов идентитет“, во склад со меѓунарoдните акти што како земја сме ги прифатиле.