МОДОМ домаќин на Генералното собрание на Мрежата за соработка и развој на Источна Европа

Младинската организација на ДОМ ќе биде домаќин на Генералното собрание, највисокото одучувачко тело на Мрежата за соработка и развој на Источна Европа (ЦДНЕЕ) на кое ќе присуствуваат делегати од сите организации- членки, а ќе се одржи од 25-ти до 28 февруари 2016 година, во Скопје, Македонија.

ЦДН е мрежа на младински организации посветени на развој и имплементација на Зелената агенда. Во мрежата членуваат подмладоците на Зелените партии, невладини организации за човекови права и еколошки невладини организации од Источна Европа. Мрежата е основана во 2002 година, а нејзина цел е да ги поттикне младите луѓе да одиграат круциална и активна улога во градењето на одржливо и демократско општество, помагајќи им преку поттикнување на соработка и споделување на искуството и знаењата со и помеѓу организациите-членки.

На Собранието ќе се избираат нови членови на Извршниот одбор, ќе се разгледуваат амандмани и ќе се направат измени и дополнувања на важни меѓународни документи. Исто така Собранието ќе одлучува и во однос на приемот на нови организации-членки, партнерски организации и основање и јакнење на работните групи. Во агендата предвиден е  и тренинг за јакнење на капацитети на организациите-членки и развојот на способностите и знаењата на делегатите.

МОДОМ ќе го искористи престојот на Зелените од Источна Европа да ги запознае со состојбата и потребите на младите во Република Македонија непосредно пред одржувањето на парламентарни избори. Имено МОДОМ ќе организира панел дискусија заедно со Движењето на екологистите на Македонија (ДЕМ) на која  е предвидено да бидат поканети претставници од политичките подмладоци, Националниот младински совет на Македонија (НМС), Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид, невладиниот сектор, меѓународните организации и институции кои работат на полето за младите. Заклучоците од оваа панел дискусија МОДОМ ќе ги вметне во својата изборна програма.

После едногодишна пауза МОДОМ повторно ќе номинира кандидат за Извршниот одбор на ЦДН со што ќе испрати јасна порака за значењето на регионалната и европска соработка, но истовремено и за своите капацитети и кадрите со кои располага.

Со почит МОДОМ