ДОМ бара, Владата ИТНО за момент да ја остави предизборната кампања, да погледне на мерните инструменти за воздухот, да се распраша за бројот на заболени од респираторни и кардиоваскуларни болести и ДА ПРОГЛАСИ ВОНРЕДНА СОСТОЈБА СО ЗАГАДУВАЊЕТО! Ова е потег што Владата треба да го направи, а не одговорноста да ја префрла на локалните самоуправи. Македонските градови низ цела земја се нападнати од црн смог, од Битола, Кавадарци, Кичево, до Тетово и Скопје!
Министерството за животна средина, кое има обврска да се грижи за спроведување на законите за амбиентален воздух и за животна средина, да се разбуди од зимскиот сон кој го зафатил и да и предложи на Владата ИТНИ мерки, затоа што тоа е негова работа – изјави портпаролот Маја Морачанин.
За да помогнеме го предлагаме следново:
Да се прогласи вонреден режим на однесување ВЕДНАШ и истиот да трае ДО КРАЈОТ НА ЗИМАТА, без броење 5 или 10 дена со надминати вредности, небаре 9 дена во смог не се доволно алармантни!
Да се стопираат градежните активности во градските средини!
Да се смени сообраќајниот режим во градовите, со воведување на задолжителна „зелена“ зона ослободена од возила, прогласување на пешачки и велосипедски зони во центарот на градовите и забрана за движење на тешки возила во градски подрачја и нивно упатување на обиколниците!
Да се отстранат од сообраќај сите возила под Евро 4 стандардот од градскиот сообраќај, нивно итно обележување со налепница на предното стакло на возилото! Истовремено, Владата итно да го уреди увозот на возила со овој стандард!
Да се зголеми бројноста на автобуси во јавниот превоз во оние градови каде тој постои!
Да се мијат СИТЕ улици со ВОДА, на стар домаќински и евтин начин!
Владата да даде буџетска поддршка за набавка на течен гас, печки со целосно согорување, сончеви панели за топла вода и изолација на домовите!
Да се прави СЕРИОЗНА контрола на работата на индустриските постројки, посебно на горивата што ги употребуваат!
Да се собира редовно и прописно отпадот и да се остава на пропишана депонија!
Да се поправат сите мерни станици за квалитет на воздух, за да следиме што ни се случува!
Овие 10 ИТНИ мерки може да се спроведат за кус период, бараат мал буџет и голема посветеност на надлежните. А граѓаните ќе им бидат благодарни, па може да им испадне и добра кампања. ЗОШТО ЗА ЗДРАВЈЕТО СЕ РАБОТИ!!! – рече портпаролот Тони Ристов