ПОПОВСКА: Да се внесе сексуалната ориентација во законот за антидискриминација

Пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ го поднесе Законот за спречување и заштита од дискриминација, во кој ги прошири основите за дискриминација во членот 3, со зборовите “сексуална ориентација и родов идентитет“. Законот експлицитно ќе пропишува забрана за дискриминација врз оваа основа.

Со ова ќе се постигне целосно усогласување на македонското законодавство со европското, на што укажуваше Европската Комисија во Извештаите од 2012 и 2013 година. Комитетот за човекови права на ОН во својот извештај од 20 јули 2015 година, пак, укажа дека имаме неускладеност со меѓународните стандарди за човекови права што државата ги има прифатено и ратификувано.

Имено, нашата земја е потписник на повеќе стратешки мултилатерални документи и договори во кои експлицитно стои обврска за почитување и недискриминирање врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Тоа се документи поврзани со вработување, образование и сл.

Последен таков документ што го ратификуваше нашето Собрание на 10 јуни 2015 година, беше Договорот за финансиска помош преку ИПА2 компонентата на ЕУ. Како што наведува Поповска во образложението на Законот, „ако споменатите термини сме ги прифатиле како држава за да добиеме финансиска помош од ЕУ, логично е да ги прифатиме и во Законот за спречување и заштита од дискриминација, каде што треба да дадеме права за граѓаните кои се ЛГБТИ луѓе“.

Зашто, суштинската причина за дополнување на овој закон е реалната потреба за целосна заштита од дискриминација на ЛГБТИ луѓето во Република Македонија. Формално-правно, таа заштита и сега постои преку последните зборови во членот 3 од законот, каде стои дека се забранува дискриминација и врз „која било друга основа која е предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор“. Со овие зборови, законот е инклузивен и ги опфаќа сите можни основи за дискриминација, а Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД) постапува и по таквите преставки.

Но, праксата покажува дека ова не е доволно. Дури и самото Министерство за труд и социјална политика, во својот Извештај од ноември, 2013 година, нотира дека “најголемиот ризик за нетолеранција е забележан во однос на припадниците на ЛГБТИ заедницата“. Премолчувањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како дискриминациски основи значи неможност за соодветна општествена реакција и на говорот на омраза и на повикувањето на насилство од омраза против ЛГБТИ луѓето. Резултат беа шест напади на ЛГБТИ центарот за поддршка во две години, само еден од нив третиран во судска постапка, но сеуште без завршница и казна за сторителите.

Носењето на овој закон ќе покаже дека Република Македонија е активно посветена на унапредувањето на човековите права, со што ќе се зацврсти и кредибилитетот на земјата пред меѓународната заедница, а особено во Советот за човекови права на ООН, каде таа членува.

При изработката на законот, користени се консултации и материјали од Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, ЛГБТИ Центар за поддршка и НДИ – Национален демократски институт.