МОДОМ на студиска посета за миграција во Будимпешта

Милан Николовски од општинската организација на МОДОМ од Куманово од 7 – 14 јуни 2015 учествуваше на студиска посета на тема „На граница со можното – миграција, креирање политики и млади“ организирана од Мрежата за развој и соработка на Источна Европа во Европскиот младински центар, во Будимпешта, Унгарија. Оваа студиска посета беше поддржана од Европската младинска фондација на Советот на Европа.

Покрај претставникот на МОДОМ на студиската посета учествуваа 40 млади луѓе од цела Европа, кои го споделија искуството од своите земји по ова прашање, со посебен акцент на младите во миграцијата и ги анализираа причините и последиците од миграциите. Во рамките на овој настан младите зборуваа за националните и меѓународните политики за миграцијата и за начинот на кој младинските организации можат да влијаа врз процесот на донесување одлуки преку презентација на алатки кои можат да се користат во застапувањето и кампањите.

На тој начин учесниците имаа можност да работат на развивање на сопствените способности и да се едуцираат за миграцијата. За време на овој настан учесниците составија и еден заеднички став (Statement) за миграцијата од перспектива на Зелените.

Ова беше одличен проект кој ги мотивираше учесниците, но и ги обврза да продолжат да работат на оваа тема во своите земји. Овој проект овозможи и поврзување на младите активисти, политичари и новинари, што ќе го подобри протокот на информации и ќе ја олесни соработката на регионално и европско ниво.