Зошто ДОМ се залага за една изборна единица, отворени листи и 50% жени на изборните листи?

Застапеност од 50% на жените на изборните листи

Форумот на жени на ДОМ на 8ми Март оваа година започна кампања за измена на Изборниот законик со цел 50% жени на избирачките листи. Овој принцип ќе доведе до унапредување на родовата рамноправност и зголемено учество на жените во политичкиот живот.

Истовремено, ќе го зголеми и учеството на жените и нивното влијание во партиите. Тоа ќе овозможи искористување на потенцијалот на голем број компетентни жени, што ќе биде огромна придобивка за целото општество. Ова е заложба и на Обединетите нации насловена како Планета 50-50 до 2030. ДОМ на локалните избори во 2013 го реализираше овој принцип со предложени 50% жени на листите за кандидати за советници. Исто така, на последниот конгрес на ДОМ, во декември минатата година, преку 40% од избраните членови на Централниот и Надзорниот одбор на ДОМ се жени.Родовиот паритет е застапен и на највисоките партиски функции, жена и маж потпретседатели и жена и маж портпароли. ДОМ сеуште е единствената политичка партија во Република Македонија со жена претседател.

Република Македонија-една изборна единица

Уште пред неколку години ДОМ ја промовираше својата заложба за измена на изборниот модел во насока на една изборна единица и отворени листи. Сметаме дека доколку наместо досегашните шест изборни единици, целата држава биде една изборна единица, ќе се унапреди демократизацијата на општеството. Овој став го поткрепуваат повеќе аргументи. Ќе се овозможи поправедно преточување на волјата на избирачите во  соодветен број на пратенички мандати, без изгубени гласови. Ќе доведе до учество во парламентот на поголем број различни политички субјекти, со што ќе се намали сегашната изразена биполарност. Тоа пак ќе се рефлектира и во поголема демократичност и реализирање на политики на владата во склад со потребите на различни општествени групи.   

Отворени листи

Отворените листи ќе им овозможат на граѓаните при остварувањето на своето избирачко право да се определат не само за одредена политичка партија, туку за одредена личност. Тоа истовремено ќе ја зголеми личната одговорност на избраните пратеници и ќе доведе до напуштање на праксата пратениците да гласаат исклучиво според партиските инструкции. Тоа ќе доведе до демократизација и во самите политички партии. Донесувањето одлуки во партиите би се базирало на широки дебати со членовите, а не на мислењето на тесното раководство. Партиите ќе мораат да водат поголема грижа за моралниот и професионалниот аспект на кандидатите за пратеници, бидејќи од тоа директно ќе зависи нивниот изборен резултат.