Поповска: треба да се донесе Законот за амнестија на 15.000 лица како што иницира ЛЕНКА

Пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ најави поддршка на иницијативата на здружението за социјална правда ЛЕНКА за носење Закон за амнестија на 15.000 лица осудени поради давање неточна изјава за годишните приходи пред Фондот за здравствено и социјално осигурување за 2012 година.

Оваа пресуда беше изречена според стара одредба на Законот за придонеси за здравствено и социјално осигурување, која подоцна беше обжалена од страна на ЛЕНКА пред Уставен суд и укината. Увидувајќи ги проблемите што произлегле од спорната одредба, самиот Фонд за здравствено и социјално осигурување има донесено измени во Законот и сега веќе не е потребна ИЗЈАВА од граѓаните, туку по службен пат, таа работа ја врши Управата за јавни приходи. Значи, за идните корисници на услугите од Фондот нема да има проблеми, но проблемите ќе останат и ќе се зголемат за веќе осудените лица, но и за сите кои дале неточни изјави во 2013 и 2014 година.

Практично, создаден е правен вакуум кој не може да се реши поинаку, освен со Закон за амнестија, поради променети околности. За појаснување, кај најголем дел од неточните изјави се работи за смешно мали разлики во

примања, од 100 до 1.000 денари, како и за сиромашна и честопати неука категорија наши сограѓани. Многу е мал бројот и се проценува на 400-500, на оние граѓани што свесно направиле измама од големи размери и од нив Фондот ќе си бара оштета. Што се однесува за казните на овие 15.000 лица, тие се 3 месеци затвор, 1 година условно и оштета од 3.000 денари. Проблемот ќе стане многу сериозен кога ќе достасаат следните неточни изјави (најчесто ги повториле истите износи, па и истите грешки), кога истите лица ќе станат рецидивисти и со тоа ќе мора да се исполни казната затвор од 3 месеци, а веќе сега се лица со досие и ќе изгубат редица граѓански привилегии и можности. Ги повикувам колегите од сите партии да ми се придружат и заедно да го поднесеме овој полезен закон.

Сектор за односи со јавност на ДОМ