ДОМ е отворен за соработка при изготвувањето на предлог за измени на Изборниот законик. Ставот на ДОМ во поглед на изборниот модел со една изборна единица сме го искажале многупати досега и тој се совпаѓа со оној на Демократскиот сојуз. Но предлагаме Изборниот законик да се промени и со одредба за 50% жени и мажи на листите.
Ова е главна поента на кампањата на Форумот на жени на ДОМ, започната на 8 март годинава. Истовремено, ова е и заложба на Обединетите нации, како препорака до сите земји, за да се постигне родова рамноправност. Што се однесува до една изборна единица, има повеќе аргументи, а пред се демократизација на општеството. Имено, тоа значи поправедна распределба на пратеничките места на повеќе политички субјекти, без изгубени гласови. Тоа води до пошаренолика политичка сцена и намалување на длабокиот јаз помеѓу двете најголеми опции. Владите што би се формирале би биле похетерогени, со поголема демократичност, толеранција и слух за потребите на различни општествени групи. Од друга страна, отворените листи значат слобода на избор на граѓаните при гласањето, зашто ќе се цени и личноста, а не само партијата. Ова ќе придонесе за демократизирање на самите партии и поголема одговорност на избраните кандидати пред граѓаните.
Сектор за односи со јавност на ДОМ