ДОМ ги бара краткорочните мерки против загадување на воздухот предвидени од Интерсекторското координативно тело за случаи кога ќе се надмине прагот на алармирање, односно кога во 10 последователни дена ПМ10 честичките се над 100 микрограми.
На Скопје, Тетово, Битола, Кичево и другите поголеми градови им свети алармот, се редат сиви денови, гуши смогот, но нема видлива акција. Затоа јавно потсетуваме на краткорочните мерки што сите како граѓани ги очекуваме:
- Обезбедување посебен сообраќаен режим за тешките товарни возила со користење на заобиколница;
- Воведување посебен сообраќаен режим за патничките возила, воведување пар- непар или пренасочување по споредни улици избегнувајќи го централното градско подрачје;
- Возилата со дозвола за дотур на стока тоа да го вршат по намалување на фрекфенцијата на редовниот сообраќај (по 18 часот);
- Зголемен инспекциски надзор на индустриските капацитети од страна на инспекторите за животна средина и комуналните инспектори;
- Намалување на цената на градскиот превоз во период на неповолни климатски услови;
- Зголемена фрекфенција на градски автобуси на сите дестинации;
- Строги мерки и стандарди за заштита околу градилиштата;
- Секојдневно чистење и миење на улиците, особено околу градилиштата;
- Контрола на уредите за согорување – котлите, за да работат со оптимален режим на согорување при затоплување на административните и јавните установи.
Покрај овие краткорочни мерки, ДОМ бара да започне спроведувањето и на среднорочните мерки што ги предвиде координативното тело. Меѓу нив е и мерката за планско обновување на постоечките и создавање нови зелени површини. За таа цел нема поефикасен начин од институционална заштита на зеленилото преку Закон за зеленило, кој е одамна изготвен и усогласен со многу институции.
На прес конференцијата зборуваше портпаролот на ДОМ Тони Ристов
Со почит,
Сектор за односи со јавност