ДОМ предлага повлекување на Законот за високо образование, формирање Министерство за високо образование и наука и подготовка на нов закон донесен по сериозни анализи и дебати низ екстензивна процедура. Ова се наши повеќегодишни заложби.
На Македонија и треба нов целосен Закон за високо образование и наука, за да се подигне квалитетот на студиите, но и достоинството на професорите и студентите. Жалиме што ова прашање не се изменаџира соодветно низ дијалог, туку се оттурна надвор на улица.
ДОМ бараше одложување на Законот и собраниска јавна расправа, низ која, сигурни сме, ќе се најдеа прифатливи решенија за сите заинтересирани страни. Но, ако на 8 јануари сепак се одржи закажаната амандманска расправа во матичната комисија, пратеничката Лилјана Поповска ќе образложи 15 амандмани, за да се отстранат најпроблематичните делови. Тие се подготвени во консултација со Комисијата за наука на ДОМ, МОДОМ и академската заедница, а се однесуваат главно на 4 теми:
1) Ангажирање странски државјани за ректори, декани и членови на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование (член 2, 3 и 5) – Проблематично е од правен аспект, но и поради воведување други јазици како официјални за комуникација на универзитетите, заедно со влијание на други држави во образовниот процес на највисоко ниво. Ова би било особено сензитивно, па дури и недозволиво на хуманистичките и општествените науки, особено со државјани од соседни земји.
2) Државен испит по втора и четврта година студии (член 4, 5 и 6) – Сметаме дека вака предложениот државен испит нема да го подобри квалитетот, а ќе ги оптовари студентите и врз нивни плеќи ќе се прекршат сите недостатоци на образовниот процес од основно до високо образование. Згора на ова, можно е да ни се случи несакано пренасочување на наши студенти кон други соседни земји, кои немаат државен испит. Ова би било повторно најсензитивно и историско-политички најштетно кај хуманистичките и општествените науки. Затоа предлагаме или целосно бришење на овој испит, или барем отфрлање на полагањето во втора година, среде колоквиуми и вежби.
Посебно важно е да се избрише ставот 14 од членот 4, каде е предвидено снимање на студентите за време на полагањето државен испит, па дури и reality show со емитување во живо преку веб-страната на Министерството за образование и наука, што завлегува во приватната сфера на студентите.
3) Изедначување на условите за објавување научни трудови од хуманистичките и општествените науки со оние од природните науки (член 9, 10, 21, 23, 24 и 25) – Предлагаме да се прошири листата на бази за индексација, како и да се вреднува и авторство на научна публикација издадена од меѓународно реномирана издавачка куќа. Ова е особено значајно за хуманистичките и општествените науки, кои се во понеповолна положба од природните науки поради неколку причини: помал број списанија со импакт фактор, понизок импакт фактор, помали шанси за објавување на нашите автори поради национални и регионални причини, како и условот за плаќање.
Токму хуманистичките и општествените науки се темелно важни за опстојувањето и развојот на македонската држава и нација, но со оглед на историските и геополитичките аспекти, тие содржини исклучително тешко може да се пробијат во меѓународните списанија и публикации. Тие наставници имаат многу одговорна мисија да им пренесат знаења на студентите од своите области, неочекувајќи некој меѓународен одбор да ги одобри темите од нашата литература, правопис, историја, археологија, философија, социологија, право итн.
Во одредени случаи предлагаме и изземање од исполнување услови кои се реално можни главно во техничките науки. Посебно е значаен ставот 9 од членот 125, каде се врши проширување на високообразовните установи што се изземени од условите за објавување во меѓународни списанија од само неколку дисциплини, на сите дисциплини од областа на хуманитарните науки. Сметаме дека е поширок општествен и државен интерес да се проучува историјата, јазикот, фолклорот, археологијата, уметноста, но и философијата и др. дисциплини. Ова е во склад со Фрескати класификацијата на научните дисциплини.
4) Номотехнички поправки и пропусти (член 8 и 21) – Во членот 8, покрај „master of science“да стои и „master of arts“.